Припадниците на Водот за поддршка на летање од командната чета (вПЛ/кч) од составот на Воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ), во периодот од 11 до 17 септември 2025 година, успешно реализираа обука во јазење во реонот на Демир Капија.
Целта на обуката беше да се оспособат припадниците од вПЛ/кч за реализација на задачи во услови на непознат и тешко достапен терен, со акцент на развој на алпинистички способности кои се есенцијални за ефективно извршување на мисијата на единицата. Обуката ја водеа квалификувани и сертифицирани инструктори од Баталјонот за специјални сили.
Програмата опфати широк спектар на техники од основната и напредната алпинистика меѓу кои: врзување на јазли, качување и спуштање по карпа, употреба на алатки за качување и спуштање, изработка на сидришта, изградба на мостови и жичари, како и развој на системи за извлекување и евакуација на повредени од непристапни терени и нивно безбедно транспортирање.
Обиколка и контрола на обуката изврши началникот на штаб во вВИНГ заедно со припадници од штабот, одговорни за реализација на обуката во вВИНГ.
Овој тип на обука е дел од редовниот календар за обука на персоналот на вПЛ/кч и има за цел редовно освежување на знаењата и вештините, што е клучно за безусловно и ефективно извршување на задачите во рамки на мисијата на единицата.