Припадниците на извидувачкиот вод од вториот пешадиски баталјон (2.пб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), во период од 1 до 5 јули, во Кампот за обука на вода во Охрид, реализираа „Обука во летни услови“, согласно годишниот план за обука.
Целта на обуката беше оспособување на персоналот за изведување на суштинските борбени задачи, извидувачки задачи и задачи од доменот на операции и дејства во вода. Исто така се работеше на извежбување и оспособување на војниците со нови вештини преку тактиките, техниките и процедурите во организацијата и извршувањето на задачи на и во вода, со совладување на техники на пливање, давање прва помош на давеник, совладување на водени препреки со помош на формациски и прирачни пловни објекти и друго.
Припадниците на 2.пб практично ја демонстрираа високата заинтересираност, посветеност и психофизичка подготвеност за извршување на задачи на водени површини на целата територија на нашата држава, доколку за тоа има потреба. Тие се стекнаа со потребниот степен на сигурност и самодоверба при изведување на разни дејства на различни водени површини и сигурност при работа во плитки и длабоки води, како и при користење на пловни средства.
ЏР/СН