Во касарната „Јане Сандански“ – Штип, со воена свеченост припадниците од 2.пешадиски баталјон (2.пб) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа Денот на единицата 17 Септември, денот кога е формирана 14. Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада во село Митрашинци, Беровско.
По повод одбележување на Денот на единицата, делегации од претпоставената команда, единицата и членови на семејствата на загинатите припадници положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето „Македонија“ на влезот од касарната.
На свеченоста присуствуваа: командантот на Командата за Операции, бригаден генерал Бесник Емини, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски со дел од персоналот на командата и штабот на бригадата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, раководители на јавни институции и останати гости.
Пред стројот свое обраќање имаше командантот на 2.пб потполковник Зоран Сумрачки, кој се осврна на историскиот пат на 14. Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада и предизвиците со кои единицата успешно се справуваше во изминатиот период и ќе продолжи и понатаму со истото темпо на реализирање на доделените задачи за исполнување на поставените норми.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски во своето обраќање рече: „Ви го честитам Денот на единицата и ви оддавам признание за сè што оваа единица има постигнато во изминатиот период во извршување на задачите и мисиите надвор од земјата, заедно со останатите партнери и членки на НАТО и не се сомневам дека и така ќе продолжите и во наредниот период како единица која е прва во Армијата со исполнети норми и стандарди кои се потребни за извршување на задачите согласно НАТО стандардите“.
По повод Денот на единицата, за најдобар вод беше прогласен вториот вод од првата пешадиска чета, на кој му беше врачен пехар и знаме за најдобра единица. На свеченоста беа прочитани и стимулативни мерки, а благодарници им се доделија на институциите со кои единицата имаше успешна соработка при извршување на работните обврски и задачи.
ГЃ/ДЧ