Со воена свеченост денеска во касарната „Илинден“ се одбележа 27 ноември, Денот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРб).
Командантот на ИРб, потполковник Николчо Јованов, обраќајќи се пред присутните гости истакна дека денеска се слави посветеноста, пожртвуваноста, патриотизмот и постигнувањата на сите ренџери кои се и биле дел од, како што рече, ова исклучително братство. Тој потенцираше дека ренџерите не се збир на поединци, туку кохезивен тим кој е поврзан од заедничка цел и е убеден дека во иднина заедно ќе ги совладуваат сите предизвици и ќе постигнат уште поголеми успеси.
Командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Бесник Емини, кој воедно е и поранешен командант на единицата, им се заблагодари на припадниците на ИРб за нивниот труд и посветеност, но и изрази убедување дека баталјонот во континуитет ќе продолжи да биде пример за стручност, дисциплина и лидерство во нашата Армија.
На свеченоста припадници од оваа единица беа унапредени во непосредно повисок чин, а за остварените особени резултати во работата беа доделени пофалници и стимулативни мерки.
На свеченоста присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, началникот на штаб на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, советникот на НГШ на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Прва пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, поранешни команданти и припадници на единицата, како и останати гости.