На ден 17.09.2025 година во касарната „Јане Сандански“ – Штип, со воена свеченост припадниците од 2.пешадиски баталјон (2.пб) од составот на 1.пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа „17 Септември – Ден на 2. Пешадиски баталјон“, денот кога е формирана 14-тата Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада (ММНОУ) во село Митрашинци, Беровско.
На свеченоста присуствуваа, командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски со дел од персоналот на командата и штабот на бригадата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од локалната самоуправа, раководители на јавни институции и останати гости.
По повод одбележување на Денот на единицата, делегации од претпоставената команда, единицата и членови на семејствата на загинатите припадници, положија свежо цвеќе пред спомен-обележјето „Македонија“ на влезот од касарната.
Пред стројот свое обраќање имаше командантот на 2.пб, потполковник Зоран Сумрачки кој се осврна на историскиот пат на 14-тата Младинско-македонска народноослободителна ударна бригада и предизвиците со кои единицата успешно се справуваше во изминатиот период и дека ќе продолжи и понатаму со истото темпо на реализирање на доделените задачите за исполнување на поставените норми.
Обраќање имаше и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски кој меѓу другото истакна „Вие сте тие кои во изминатите години учествувавте на сите само оценувања и НАТО оценувања. Од почетокот на годината до сега успешно ги реализиравте вежбите „Seven Stars“, „Immediate Response“ и „Saber Junction 25“. Сите вие заедно сте вториот пешадиски баталјон. Вие најдобро знаете дека војничката професија е тешка и ризична, бара многу одрекувања и жртви, но од друга страна е благородна и достоинствена. Вие, како јадро на Лесната пешадиска баталјонска група, а заедно со делови од останатите единици од бригадата, ќе бидете носители на подготовките за оценувањето на борбената подготвеност. За потоа, веќе во април следната година сите здрави и живи ја реализираме вежбата „Блесок 26“ на АП Криволак. Тоа ќе биде круна на вашата пожртвуваност и посветеност, со што уште еднаш ќе докажете дека сте рамо до рамо со другите НАТО сојузници и дека сме борбено подготвени“.
Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата во касарната ,,Јане Сандански“ во Штип, а во соработка со Црвениот Крст и одделот за трансфузиологија, се реализираше акција за доброволно дарување на крв и беше покажана хуманост на дело со доброволно дарувани 60 крвни единици.
По повод Денот на единицата за најдобар вод беше прогласен првиот вод од трета пешадиска чета и му беше врачен пехар и знаме за најдобра единица. Исто така беа прочитани и стимулативни мерки, а на институциите со кои единицата имаше успешна соработка при извршување на работните обврски и задачи им беа доделени благодарници.