Со воена свеченост во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп припадниците на Артилерискиот баталјон (артб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа 10 Април-Денот на единицата. Истовремено денеска се изврши и примопредавање на должноста командант на Артилерискиот баталјон.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, потполковник Славчо Кузманоски, кој се осврна на историјатот на единицата, на реализираните активности и постигнатите резултати на единицата во изминатиот период.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот, а Вториот огнен вод од Третата артилериска батерија, водот со кој командува потпоручник Трајче Темелковски, беше прогласен за најдобар вод и го доби преодниот пехар и знаменцето на единицата.
Во пресрет на Денот на единицата, припадниците на артилерискиот баталјон реализираа и крводарителска и хуманитарна акција.
Денеска освен одбележувањето на денот на единицата, се изврши и примопредавање на должноста командант на Артилерискиот баталјон .Должноста командант на артб од досегашниот командант потполковник Славчо Кузмановски ја прими потполковник Сашко Палески, кој досега ја извршуваше должноста началник на штаб.
На денешната свеченост командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски истакна дека му е чест што денеска со припадниците го прослави Денот на баталјонот.
„А уште поголема е честа што на денешнава свеченост ќе извршиме примопредавање на должноста командант на Артилерискиот баталјон. Тоа е уште еден настан за историјата на единицата, настан кога главното обележје на единицата, борбеното знаме, се примопредава помеѓу досегашниот и новиот командант. Останете тоа што сте, единица која ја поседува најголемата огнена моќ во 1.пешадиска бригада и Армијата. Останете господари на вашата професија и продолжете да го градите успехот и имиџот на Артилерискиот баталјон. Во периодот кој ни претстои, максимално посветете се на приемот на новата опрема, обуката и ставањето во оперативна употреба на истата“, порача бригаден генерал Чиплаковски.
Досегашниот командант, потполковник Славчо Кузмановски, се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста, а новопоставениот командант, потполковникот Сашко Палески истакна дека крајно совесно и одговорно ќе командува со единицата и се заблагодари за довербата која му е дадена за извршување на должноста.
Од припадниците на баталјонот на досегашниот командант му беше врачена плакета со логото на единицата.
На свеченоста присуствуваа: командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, началниците на секции од командата и штабот на 1.пбр, команданти на единиците од составот на бригадата, поранешни команданти, градоначалници на општините во регионот и останати гости.