Денес во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод одбележувањето на 15 октомври – Ден на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ), од составот на воздухопловниот ВИНГ.
На свеченоста присуствуваа: командантот на вВИНГ полковник Игорчо Стоименовски, заменик-командантот на 1.пбр, полковник Стеван Наумоски, заменик-командантот на вВИНГ, полковник Игор Чкоров, началници на секции на вВИНГ и други гости.
На свеченоста се обрати командантот на единицата, потполковник Ќемал Џафери, кој заблагодарувајќи се и честитајќи на персоналот за постигнатите успеси, како клучни моменти од оваа година ги истакна: потпишувањето на Техничкиот аранжман со Република Италија, како втора НАТО земја во рамките на НАТО мисијата за воздушно патролирање во националниот воздушен простор; оформување и отворање на новиот современ Центар за командување и контрола во воздушниот простор и активно учество во НАТО мисијата за воздушно патролирање во националниот воздушен простор.
Пред присутните со пригоден говор се обрати и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски, кој го истакна значењето на бВНЈ за контрола на воздушниот простор, од каде се врши координација за мисијата (Air Policing) од страна на НАТО Алијансата. Исто така рече дека сите претходни генерации на бВНЈ имаат вложено огромен личен и професионален ангажман во формирањето и развојот на воздушното набљудување во изминатиот период и на припадниците на баталјонот им порача не само да ги чуваат тие вредности, туку и континуирано да ги усовршуваат и надградуваат и тоа да претставува постојана обврска.
Пред стројот беа прочитани честитките од началникот на Генералштабот на Армијата и командантот на Командата за операции, кои беа упатени до припадниците на баталјонот, а беа доделени и стимулативни мерки по повод Денот на единицата.