На ден 13. ноември (четврток), во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост по повод денот на инженерискиот баталјон (инжб) од составот на 1. механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) и седумдесет години од формирањето на инженериската бригада на ГШ на НОВ.
На свеченоста покрај командантот на Здружената Оперативна Команда (ЗОК) генерал мајор Методија Величковски присуствуваа: Директорот на ГШ на АРМ генерал мајор Димче Петровски, заменикот на командантот на ЗОК бригаден генерал Мухамет Рацај, началникот на штаб во Здружената Оперативна Команда, бригаден генерал Стојан Димчов, командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски, командантот на полкот за специјални операции бригаден генерал Васко Ѓурчиновски, претставници од Сојузот на борците, команданти на бригади и баталјони од составот на АРМ, поранешни команданти и припадници на единицата како и претставници од локалната самоуправа, јавни и приватни претпријатија и други гости.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили 13. ноември е одреден за ден на единицатаи носител на традициите на инженериската бригада на ГШ на НОВ и ПОМ.
Пред гостите, пригодно обраќање имаше командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски и командантот на инжб, потполковник Дејан Чиплаковски. Притоа се даде краток осврт на историскиот развој на инжб изграден врз темелите на славната инженериска бригада, гордоста од постигнатите резултати на неговите припадници, препознатливи по својата вредна и пожртвувана работа, секогаш подготвени и обучени да помогнат.
На свеченоста беше прочитана честитка од Началникот на ГШ на АРМ до припадниците на баталјонот, како и стимулативни мерки по повод празникот.
Свеченоста заврши со презентација на инженериските машини, свечено врачување на плакети и инженериски часовници на поранешните команданти на инженериските единици во АРМ и свечено беше отворена „Инженериската патека на неимари и трајни вредности“ во кругот на касарната „Илинден“.
Претходно по повод прославата, инженерискиот баталјон реализара низа активности за одбележување на овој значаен јубилеј.
На ден 06.11.2014 година дел од командата и потчинетите единици на инжб го посетија „Музејот на македонската борба за државност и независност“. На ден 10.11.2014 година инжб организира хуманитарна и добротворна акција за дарување на облека и детски реквизити во Домот на децата без родители „11-ти Октомври“, Скопје. На ден 11.11.2014 година во Спомен собата на инжб се одржа средба меѓу претставници од „Сојузот на борци во Република Македонија“ и дел од персонал на инжб.