Во касарната „Илинден“ во Скопје, со воена свеченост се одбележа „13-ти Ноември – Денот на инженерискиот баталјон“, денот кога пред 74 години беше формирана инженериската бригада на Генералштабот на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија, чии традиции денес со гордост ги продолжуваат припадниците на инженерискиот баталјон (инжб), на АРМ.
На свеченоста присуствуваа: претставници од командата и штабот на 1.мпбр во чиј состав е и инженерискиот баталјон, команданти на единиците од АРМ, претставници на единиците во касарната „Илинден“, поранешни припадници на инженерискиот полк и баталјон, и претставници од 15.инжб на Вооружените Сили на САД во Европа.
По повод Денот на инженерискиот баталјон, со пригодни говори пред припадниците на баталјонот и присутните гости на свеченоста се обратија командантот на инжб, потполковникот Арбен Јакупи, и заменикот на командантот на 1.мпбр, полковник Бесник Емини.
Командантот на инжб во своето обраќање го истакна почетокот на историскиот пат на инженериската бригада на Генералштабот на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија, формирана во 1944 година, а ги истакна и активностите на инженерискиот баталјон во изминатата година.
На свеченоста по повод денот на единицата беа наградени и пофалени припадници на инжб за постигнати резултати во работата и обуката а со тоа дале посебен придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата.
За најдобра единица по повод денот на единицата, беше избран пионерскиот вод од втората инженериска чета.
СМ/НЈ