Денес во касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Мирче Ацев“ во Прилеп, со полагање на свежо цвеќе беа одбележани патронатите и 83 годишнината од погибието на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Во касарната во Петровец свежо цвеќе положија делегација од командата на 1. пешадиска бригада (1.пбр), командата на воздухопловниот ВИНГ и претставници од општина Кавадарци, а во касарната во Прилеп свежо цвеќе положија делегација од Командата на гарнизонот Прилеп, делегација од 1.пбр, општина Прилеп, Сојузот на борците од Прилеп од СОУ „Мирче Ацев“ од Прилеп и останати гости.
Пред присутните во касарната во Петровец, за животот и делото на народниот херој Страшо Пинџур говореше претставничката на музејот од Кавадарци, кустос историчар Марија Михова. На одбележувањето на патронатот на касарната во Прилеп, за животот и делото на народниот херој Мирче Ацев, свое обраќање имаше командантот на артилерискиот баталјон, потполковник Сашко Палески, кој истакна дека одбележувањето на патронатот ги зацврстува традициите со богатата македонска историја и дека припадниците на Армијата се должни да ги почитуваат делата и дадените животи на сите борци за слободна и независна држава. Со пригоден рецитал во касарната настапија учениците од СОУ „Мирче Ацев“ од Прилеп.
ГЃ/ДЧ








