Денес во касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Мирче Ацев“ во Прилеп, со полагање на свежо цвеќе беа одбележани патронатите и 76 годишнината од погибието на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Делегации од Здружената оперативна команда, командата на 1.механизирана пешадиска бригада, командата на воздухопловната бригада, претставници од општина Кавадарци и Музејот на Кавадарци, Здружението на борците на Република Македонија и на град Скопје положија свежо цвеќе во касарната во Петровец, а во касарната во Прилеп свежо цвеќе положија делегации од 1.мпбр предводена од полковник Бесник Емини, артилерискиот баталјон, општина Прилеп и Сојузот на борците од Прилеп.
На одбележувањето на патронатите на касарните беа одржани историски часови за животот и делата на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.
Пред персоналот на касарната во Петровец и другите гости, за животот и делото на Страшо Пинџур говореше претставничката на музејот од Кавадарци, историчар Марија Михова, а свое обраќање имаше и командантот на 1.механизирана пешадиска бригада и гарнизонот Петровец бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој меѓу другото истакна дека одбележувањето на патронатот ја зацврстува врската на денешницата со богатата историја на македонскиот народ и дека припадниците на АРМ се задолжени да ги почитуваат делата и дадените животи на сите борци за слободна и независна Македонија.
На одбележувањето на патронатот на касарната во Прилеп за животот и делото на народниот херој Мирче Ацев свое обраќање имаше потполковникот Ѓорѓи Василевски, а со културно уметничката програма учествуваа и учениците од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.
Животот и делата на народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев се длабоко врежани во свеста и паметењето на македонскиот народ, а посебно на луѓето од тиквешкиот и прилепскиот крај.
Припадниците на касарните во Петровец и Прилеп, одбележувајќи го секоја година денот на нивното погибие, придонесуваат да народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев и нивните дела за Македонија останат во сеќавањата на идните генерации и поколенија на македонскиот народ.
СМ/MJ