Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со оддавање на почит и полагање на цвеќе пред бистата на народниот херој Боро Менков, беше одбележан патронатот на касарната, односно 78-годишнината од загинувањето на народниот херој, чие име го носи касарната во Куманово.
Пред стројот на единицата, за ликот и делото на народниот херој Боро Менков, се обратија командантот на касарната потполковник Стојанче Костов и историчарката Марија Живачки од Национална Установа „Музеј-Куманово“.
На одбележувањето на патронатот присуствуваа: заменик командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, полковник Бесник Емини, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, преставници од државната управа, јавните установи и служби, Сојузот на борци од Куманово и други гости.
Одбележувањето на денот на загинувањето на народниот херој Боро Менков, со свое присуство го збогатија младиот музички талент Мартија Станојковиќ, танцовото студио „Денс Тим фјужн“, КУД „Бајрам Шабани“, учениците од гимназија „Гоце Делчев“ и децата од детската градинка „Ангел Шајче“ од Куманово.
По повод одбележувањето на патронатот на касарната, на ден 10.10.2019 година беше организирана и реализирана крводарителна акција, при што од страна на припадниците на гарнизонот Куманово беа дарувани околу 50-тина крвни единици.
ИН/СМ/ЧС/БН