Припадниците на Првиот пешадиски баталјон (1.пб), од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр), традиционално го одбележаа денот на загинувањето на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, чие име го носи касарната во гарнизонот Кичево.
По повод патронатот, делегација од Армијата и делегација од Сојузот на борци на Општина Кичево положија свежо цвеќе пред бистата на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, која се наоѓа во алејата на великаните во кругот на касарната.
Командантот на 1.пб, потполковник Зоранче Ристовски во својот говор се наврати на животниот пат на народниот херој Чеде Филиповски – Даме, на неговата богата воено- политичка кариера и кој секогаш се борел за правда и слобода за својот народ. „Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите, ние со почит и благодарност ги продолжуваме традициите на нашето минато, се поклонуваме на народниот херој Чеде Филиповски – Даме и наша одговорност е да остане во меморијата на идните генерации“- рече потполковник Зоранче Ристовски.
На патронатот присуствуваше и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, придружуван со персонал од командата и штабот на бригадата.