Во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, со полагање на свежо цвеќе пред бистата на Народниот Херој, се одбележа патронатот на касарната. На одбележувањето, присуствуваа командантот на здружената оперативна команда генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада бригадниот генерал Зоран Милески, команданти и командири од единиците на АРМ, претставници од државните институции, локалната самоуправа, сојузи, здруженија, невладини организации, верските заедници, културниот и приватниот сектор и ученици од основните училишта во градот Тетово.
На воената свеченост се реализираа активности согласно Правилото за воен протокол. Командантот на 3.механизиран пешадиски баталјон, потполковник Игор Спасеноски, даде осврт врзан за ликот и делото на Народниот Херој Кузман Јосифовски-Питу. Во својот говор, меѓу другото истакна: „На денешен ден се навршуваат точно 72 години од смртта на Кузман Јосифовски-Питу, македонскиот правник кој е најзаслужен идеолог за организирањето на Народно-ослободителната борба и антифашистичкото движење во Македонија. Наша обврска е да го почитуваме нивното животно дело и несебичната жртва која тие ја дадоа за денес да живееме во самостојна и суверена држава.“
На крајот на свеченоста во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“, беше организиран и тактичко-технички збор на кој беа изложени вооружувањето и опремата со која располага единицата.