На 29 јануари 2026 година, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, беше одржана воена свеченост по повод одбележувањето на Денот на Сквадронот за обука и тренинг, од составот на воздухопловниот ВИНГ, и јубилејот 30 години од неговото формирање.
Во своето обраќање, командантот на Сквадронот за обука и тренинг, потполковник Борис Настовски истакна дека јубилејот претставува потврда за континуитетот и стратешката насоченост на единицата во создавањето на идните воени пилоти. Тој нагласи дека јасната визија и дефинираната насока се клучни за понатамошниот развој, потенцирајќи дека, како и во воздухопловството, „ниту еден ветар не е поволен доколку не се знае правецот на движење“, при што правецот на Сквадронот е насочен кон модернизација, континуитет на обуката и долгорочна оперативна подготвеност. Воедно, тој посочи дека иако технологијата континуирано напредува, срцето на оваа единица не е техниката, туку луѓето, истакнувајќи дека професионализмот, дисциплината и посветеноста на персоналот се клучни за одржување на високите стандарди и подготвеноста на Сквадронот.
Со пригоден говор се обрати и заменикот на командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковник Игор Чкоров, кој посочи дека Сквадронот за обука и тренинг денес претставува една од најмодерните и најрепрезентативни единици во Армијата. Тој истакна дека капацитетите со кои располага единицата се високо оценети од странските партнери и дека во одредени сегменти ги исполнуваат, па и ги надминуваат НАТО критериумите, нагласувајќи дека целта е целосно оперативно функционирање на Сквадронот за поддршка на Армијата и НАТО соработката.
На крајот од свеченоста беа прочитани честитки и беа доделени стимулативни мерки за истакнатите припадници на Сквадронот за обука и тренинг, како признание за нивниот професионализам, посветеност и придонес во извршувањето на задачите.
Со одбележувањето на овој значаен јубилеј, Сквадронот за обука и тренинг уште еднаш ја потврди својата улога како носител на развојот на воздухопловните способности, ориентиран кон иднината, интероперабилноста и континуираната поддршка на безбедносните цели на Армијата и НАТО Алијансата.
На свеченоста присуствуваа претставници од Министерството за одбрана, Командата за операции, 1. пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и Сквадронот за обука и тренинг.








