Во деновите 16.06. и 18.06.2016 година инженерискиот баталјон ја поддржа обуката на Курсот на водови, организиран од страна на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје. Поддршката на обуката се реализира на гарнизонското стрелиште „Стенковец“ со организација на 3 (три) вежби со боеви минско експлозивни средства (МЕС) во наведените денови, а со цел идните командири на водови на единиците на Армијата на Република Македонија да се извежбаат во правилна, брза и сигурна изработка и палење на бавногорлива запалка, палење на експлозивно полнење со бавногорлива запалка и во поединечно поставување и отстранување на боева противоклопна мина.
Вежбите се изведоа под команда, инструкции и надзор на командирот на командна чета на инженерискиот баталјон и командирите на водови од истата чета во согласност со “Упатството и Програм за изведување на вежби со боеви МЕС” на Армијата на Република Македонија. За време на вежбите посебно внимание се посвети на мерките за безбедност и заштита и зачувување на животната средина.
Добро спроведената организација при работа и беспрекорната дисциплина и богатото искуство на инструкторите од инженерискиот баталјон овозможија успешна реализација на вежбите, без последици по животите и здравјето на луѓето и животната средина.
Со реализација на вежбите, идните командири на водови имаа прилика да стекнат нови знаења и искуства кои ќе им помогнат во совладување на предизвиците и ризиците при вршење на нивната благородна професија.