Припадниците на инженерискиот баталјон, од 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), пред командата и штабот, началниците на секции, командантите на баталјони и командири на чети од 1.мпбр, изведоа показна вежба „Насилен премин преку водени пречки“, на армискиот полигон Криволак, на делот од реката Вардар која претставува една од најголемите природни водени пречки во Република Македонија.
Показната вежба беше изведена во два дела, теоретски и практичен дел. Во теоретскиот дел, низ три работни точки беа презентирани карактеристиките на водените пречки особено на реките, изработка на пловни објекти од месни и прирачни средства и формациски средства за совладување на водени пречки. Во практичниот дел, според одредена тактичка ситуација, со користење на маневарски експлозивни средства и муниција, со употреба на пловни објекти од месни и прирачни средства и формациски средства, практично беше покажан насилен премин преку реката Вардар.
На крајот од вежбата, командантот на 1.мпбр, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, им се заблагодари на припадниците на инженерискиот баталјон за успешното изведување на една од најсложените борбени постапки или тактички задачи „Насилно преминување преку водени пречки“.
СМ/БН