Во командата на Првата пешадиска бригада (1.пбр), беше реализирана посета од претставници на советодавниот тим од САД од Институтот за управување во областа на безбедноста ISG (Institute for security governance). Тимот беше пречекан од страна на командантот на бригадата, бригаден генерал Сашко Лафчиски и на работниот состанок присуствуваа претставници од Командата за операции и Генералштабот на Армијата.
Целта на посетата беше поддршка во процесот на трансформација на бригадата како и за лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), нејзината подготвеност, процесот на трансформација на персонал, вооружување и опрема како и обука на декларираниот персонал со посебен акцент на обука на персонал за одржувањето и поправката на новите оклопни возила и новите платформи на вооружување.
На почетокот на работниот состанок командантот на бригадата им посака добредојде на посетителите и искажа задоволство од соработката со армијата на САД. Во продолжение на тимот им беше презентирано за структурата, мисијата и задачите на бригадата која е во фаза на трансформација, начинот на логистичка поддршка и начинот на одржување, поправка на новите платформи на возила и вооружување. Дискусијата се одвиваше во делот на обука и сертифицирање на одржувачи на новите оклопни возила кои ги воведуваме во употреба во Армијата. Од претставниците на советодавниот тим од САД персоналот беше запознаен со целите на претстојната логистичка вежба (TTX), учество на персоналот и посакуваните резултати и планирањето на програмата за вежба во октомври оваа година.
На крајот од посетата, тимот од САД искажа подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката во остварување на целите и задачите за полесно совладување на предизвиците при имплементација на обврските кои ни престојат како земја членка на НАТО.