На ден 22.01.2026 година, со воена свеченост во касарната „Илинден“ официјално се изврши прием на должноста командант на баталјон за врски од составот на Командата за операции (КО). Должноста командант на баталјон за врски ја прими потполковник Аце Карајованоски. Пред стројот на единицата и присутните гости со свои говори се обратија, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и новопоставениот командант на баталјонот за врски, потполковник Аце Карајованоски.
Командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во својот говор истакна дека да се биде на чело на баталјонот за врски претставува огромна обврска, да се остане доследен во напорите за исполнување на храброста, високиот степен на стручност, одважност и лидерство, како вредности кои ги красат припадниците на родот за врски во Армијата, чие што место за професионален развој е токму баталјонот за врски.
Новопоставениот командант, потполковник Аце Карајованоски изрази благодарност за дадената доверба да раководи со баталјонот за врски и истакна дека ќе вложува максимални напори да обезбеди јасни насоки и поддршка за развојот на баталјонот за врски и дека заедно ќе продолжиме да работиме сплотено како еден тим за извршување на мисијата на баталјонот за врски.
На денешната свеченост покрај командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, присуствуваа и командантот на Команда за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на Логистичка база, полковник Мухарем Мухареми, началниците на секциите Ј-6 во Генералштабот и Командата за операции, поранешни команданти од полкот за врски и баталјонот за врски, команданти од единици во КО и други гости.








