Со воена свеченост, денес во касарната „Илинден“ официјално беше извршен прием на должноста командант на Баталјонот за врски. Должноста командант на баталјонот ја прими мајор Дијана Нешиќ.
Пред стројот на единицата и присутните гости, со свои обраќања се обратија командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и новопоставениот командант на Баталјонот за врски, мајор Дијана Нешиќ.
Во своето обраќање, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, истакна дека да се биде на чело на Баталјонот за врски претставува голема обврска и одговорност, особено во време на зголемени закани и ризици во сајбер-просторот. Притоа, ја нагласи важноста од доследно негување на храброста, високата стручност, одважноста и лидерството како вредности што ги красат припадниците на родот за врски во Армијата, посочувајќи дека Баталјонот за врски е клучно место за нивниот професионален развој.
Новопоставениот командант, мајор Дијана Нешиќ изрази благодарност за укажаната доверба и можноста да раководи со Баталјонот за врски. Притоа, истакна дека ќе ги вложи своите знаења, способности и максимални напори во понатамошниот развој на единицата, унапредувањето на нејзините способности и успешно извршување на поставените задачи, нагласувајќи ја важноста на тимската работа, заедништвото и посветеноста во остварувањето на мисијата на баталјонот.
На свеченоста, покрај командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, присуствуваа и командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, командантот на Логистичка база, полковник Мухарем Мухареми, началникот на Ј-6 во Генералштабот, полковник Тони Наумовски, поранешни команданти на Баталјонот за врски, команданти на други единици, началници на секции во Армијата, како и други гости.








