Во касарната „Народен Херој Страшо Пинџур“ во Петровец, со воена свеченост се изврши примопредавање на должноста командант на воздухопловниот ВИНГ(вВИНГ).
Од досегашниот командант на воздухопловната бригада(вбр), полковник Роберт Малезански должноста ја прими полковник Стојко Пејовски, кој досега ја извршуваше должноста заменик на командантот на воздухопловна бригада.
Пред стројот на вВИНГ и присутните гости, свои обраќања имаа командантот на Команда за операции (КО) генерал-мајор Павле Арсоски, досегашниот и новопоставениот командант на вВИНГ, полковниците Роберт Малезански и Стојко Пејовски.
Во својот говор командантот на КО, оддаде признание на досегашниот командант на вбр за вложениот труд и покажаните резултати во периодот на неговото командување со бригадата, а на новопоставениот командант, честитајќи му ја новата должност му посака успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со вВИНГ.
Досегашниот командант во своето обраќање пред стројот и присутните, се заблагодари за високиот професионализам и добиената поддршка од припадниците на бригадата и на новиот командант, му посака да ја има истата поддршка во идното раководење со единицата.
Новопоставениот командант во својот говор истакна дека претставува голема чест да се биде на чело на вВИНГ, која претставува нераскинлива алка во состав на Армијата, како идна членка на НАТО Алијансата.
Со денешното примопредавање на должноста командант на вВИНГ, продолжува отпочнатата трансформација на Армијата и воздухопловната бригада која согласно новата организациско формациска структура во Армијата во понатамошниот период се трансформира во воздухопловен ВИНГ.
НЈ