Денес во касарната ,,НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, со воена свеченост беше извршено примопредавање на должноста командант на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Должноста од досегашниот командант на 1.мпбр бригаден генерал Мирче Ѓоргоски ја прими полковникот Драган Ковачки кој до сега беше дел од штабот на бригадата.
На свеченоста присуствуваа заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, Командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Павле Арсоски, команданти на единиците во Армијата, поранешни команданти на 1.мпбр и 2.мпбр, пензионирани генерали и други гости.
Пред стројот на бригадата и присутните гости, свои обраќања имаа командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) генерал-мајор Павле Арсоски, досегашниот командант на 1.мпбр бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, и новопоставениот командант полковникот Драган Ковачки.
Генералот Арсоски на досегашниот командант на 1.мпбр генералот Ѓоргоски, му се заблагодари за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото успешно командување со бригадата, а на полковникот Ковачки му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со бригадата.
Досегашниот командант на бригадата, генералот Ѓоргоски, истакнувајќи дека е голем предизвик да се биде на чело на најголемата единица во Армијата, на новопоставениот командант, полковникот Ковачки, му ја честиташе новата должност и му посака успешно извршувањето на бројните задачи и предизвици кои единицата ја очекуваат во наредниот период.
Полковникот Ковачки, заблагодарувајќи им се на своите претпоставени на укажаната доверба за водење на најбројната и најголемата борбена единица во Армијата, им се обрати и на припадниците на 1.мпбр порачувајќи им дека единицата под негово командување ќе продолжи со уште поголема сплотеност во извршувањето на бројните задачи и успешно разрешување на сите предизвици во иднина.
На крајот, по потпишувањето на наредбите за поставувањата на новите должности на генералот Ѓоргоски и полковникот Ковачки, и церемонијалниот чин на примопредавање на военото знаме на 1.мпбр, следеше дефиле на потчинетите единици на бригадата.
ЃГ/СМ/ЧС/БН