Денес, во касарната „НХ Страшо Пинџур“ – Петровец, со воена свеченост се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјон за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ), од составот на воздухопловната бригада (вбр).
Должноста командант на бВНЈ од потполковник Александар Крстевски ја прими мајор Оливер Стојановски кој до сега ја извршуваше должноста заменик командант на бВНЈ.
На свеченоста присуствуваа командантите на единиците од составот на вбр, пензионирани команданти на бВНЈ и останати гости од МО и ГШ.
На свеченоста со свои говори се обратија: заменик командантот на вбр, потполковник Стојко Пејовски, кој се наврати на досегашните активности кои ги реализираше единицата во изминатиот период и упати честитки до досегашниот командант и новопоставениот командант. Досегашниот командант на бВНЈ, потполковник Александар Крстевски се заблагодари на персоналот од единицата за укажаната поддршка во текот на неговото извршување на должноста. Новопоставениот командант, мајор Оливер Стојановски се заблагодари за довербата која му е доверена да биде командант на бВНЈ и истакна дека е уверен во уште поголемо и по успешно темпо на квалитетно извршување на задачите. Исто така додаде дека бВНЈ е чувар на суверенитетот на македонскиот воздушен простор, секојдневно ја претставува првата и најважна алка во рамките на единствениот и севкупен систем за против воздушната одбрана и дека е предизвик да се раководи со оваа единица која буди уште поголем мотив заедно со припадниците во свечениот строј достојно и професионално да продолжи да ја извршува зададената мисија на единицата.
Во текот на свеченоста се изврши официјално потпишување на примопредавање на должноста помеѓу стариот и новиот командант на бВНЈ.