На ден 15 мај 2014 година во касарната „Чеде Филиповски Даме“ во Кичево во рамките на вежбата „Брз Рис 14“ продолжи оценувањето на четата за заштита на сили ЕУБГ 2014-2.
Во утринските часови вежбата продолжи со запоседнување на базата од страна на четата ЕУБГ. Реализацијата на редовните задачи, патролирање во определената зона и контролата на влез и излез во класифицираните зони се активности кои можат да се воочат деновиве во замислената база, каде е сместена Командата на ЕУБГ 2014-2.
Еден вод од четата беше ангажиран и за ескортирање на конвој составен од неколку возила со хуманитарна помош за раселените лица предвидено со сценарио на вежбата.
Активностите продолжуват со предвидената динамика и во попладневните и ноќни часови. Раздвиженоста на персоналот и техниката дава чуство на реални услови како да е некаде далеку од Република Македонија каде нашите мировници придонесуват за одржување на мирот.
До крајот на денот беше реализиран и проектот од доменот на цивилно-воената соработка за донацијата која се состои од една целодневна ужина од прехранбени продукти на дневниот центар за лица со посебни потреби во Кичево.
„Големината е во хуманоста“ беше пораката која со големи букви стоеше на еден од ѕидовите во центарот. Насмевката на лицето на децата згрижени во центарот даваа чувство на задоволство за самата донација, со што се потврдува хуманоста на припадниците на АРМ.