Во периодот од 20.06-25.06.2016 година во касарна „Илинден“ во Скопје се реализира работилница на тема: „Поправка и одржување на инженериски машини“ во соработка со Канцеларијата за билатерална соработка на Вооружените Сили (ВС) на САД. На работилницата, присуствуваа претставници од Националната гарда на Вермонт, САД и претставници на инженерискиот баталјон (инжб) од составот на 1.мпбр. По приемот на претставниците од Националната гарда на Вермонт следуваше брифинг за состојбата и видот на инженериски машини (и/м) кои се во составот на инжб.
За време на реализацијата на активноста во посета на единицата беше военото аташе на САД во Република Македонија, полковник Томас Батлер и офицерот за билатерална соработка од Амбасадата на САД во Република Македонија, мајор Доан Николс.
Преку извршената проценка од страна на претставниците на Националната гарда на Вермонт на и/м со кои располага инжб, поправките на помалите неисправности и сервисирање на дел од и/м се изврши и практична настава со ракувачите на и/м на единицата. Воедно и ракувачите на и/м од инжб ги разменија со работната група искуствата стекнати низ обуките и многубројните терени за начинот на правилно ракување и одржување на машините.
За реализација на активностите, инжб ги вклучи сите капацитети на командата, штабот и потчинетите единици со цел максимално да се искористи посетата на персоналот од ВС на САД. По успешно завршената посета која помина во работна атмосфера донесен е заклучок за продолжување на соработката во понатамошниот период.