Ренџерите од борбено извидувачката чета, на армискиот полигон „Пенуш“, реализираа снајперска обука со цел усовршување на снајперските вештини како поединец и во склоп на снајперски пар.
За време на обуката на АП „Пенуш“ беа реализирани повеќе специјални, единечни и командирски гаѓања на кои припадниците покажаа максимална ефикасност на гаѓање со снајперски и далнострелни снајперски пушки на големи далечини. Покрај гаѓањата беше опфатена и обука во планирање на снајперски мисии, наведување на огнена поддршка, маскирање, решавање на интелектуални мемориски вежби при одредување на цели и тактичко движење на отворен простор во снајперски парови и како поединци. Сето ова овозможува снајперските парови од ренџерите да бидат секогаш подготвени за извршување на задачи од највисока важност и највисок степен на ризик, потврдувајќи го уште еднаш мотото на баталјонот „Секогаш чекор понапред“.
Снајперската обука вклучува широк спектар на предмети и дисциплини дизајнирани да ја подигнат когнитивната, физичката и психичката состојба на снајперистот, а воедно и да го етаблираат како повеќенаменска сила на борбеното поле со висока ефикасност, уништувачка моќ и висок процент на преживување на борбеното поле.