Во месец јули 2018 година во рамките на соработката помеѓу Армијата на Република Македонија и цивилните структури во зоната на одговорност, командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК), бригаден генерал Павле Арсоски реализира средби со градоначалниците на општините во североисточниот регион на Република Македонија и тоа: Куманово, Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане, Ранковце, Липково, Арачиново и Петровец.
Посетите беа во согласност со планот за цивилно воена соработка со локалните самоуправи во Република Македонија, а на истите со градоначалниците беа разгледани прашања и активности за популаризација на АРМ како и информации за инфраструктурата, заштита и унапредување на животната структура и промоција на АРМ во доменот на цивилно-воената соработка.
Во текот на средбата на градоначалниците на општините, од страна на командантот на ЗОК, бригаден генерал Павле Арсоски, им беа доделени парички со логото на ЗОК.
Ваквите средби се со цел воспоставување и унапредување на цивилно-воената соработка и афирмација на единицата во зоната на одговорност.
Задоволството од поддршката која АРМ ја добива од општините, продлабочувањето на соработката за прашања од доменот на цивилно-воената соработка и нагласување дека истата ќе продолжи и во наредниот период, беа дел од заклучоците кои произлегоа од состаноците.
ЧС/БН/ПА