На ден 14.06.2025 година, во касарната „Јернеј Молан“ во Церкље, Република Словенија, официјално започна 12-тата меѓународна воена вежба „Јадрански Удар 2025 – Adriatic Strike 2025“, која претставува еден од клучните настани за унапредување на интероперабилноста и способностите на воздухопловните сили на земјите членки на НАТО и партнерите.
Свеченото отворање се одржа со високи воени почести, во присуство на Министерот за одбрана на Република Словенија, Началникот на Генералштабот на Словенечката војска, како и претставници на учесничките држави. Вежбата беше отворена од полковник Јанез Гаубе, командант на Словенечкото воздухопловство и противвоздушна одбрана и директор на вежбата.
Во текот на вежбата, која ќе се реализира од 14 до 24 јуни 2025 година, учество ќе земат околу 800 припадници од вооружените сили на земји-членки на НАТО, како и од други партнерски држави. Ангажирана е разновидна воена воздухопловна техника, вклучително и авиони и хеликоптери, со цел реализација на напредни сценарија за блиска воздухопловна поддршка и интегрирани заеднички операции.
Армијата на Република Северна Македонија е активен учесник во вежбата. Во фазата на подготовките, припадник од воздухопловниот ВИНГ беше ангажиран во Тактичкиот оперативен центар (ТОЦ) во улога на JTAC (Joint Terminal Attack Controller). Дополнително во состав на ТОЦ за време на самата вежба е ангажиран уште еден припадник од вВИНГ и двајца припадници од воздухопловен ВИНГ ќе бидат дел од Симулацискиот центар за блиска воздухопловна поддршка, каде ќе дејствуваат во улога на пилоти.
Вежбата „Adriatic Strike“ претставува значаен придонес за унапредување на заедничките оперативни капацитети и е од особено значење за изградба на доверба, зајакнување на партнерствата и одржување на безбедноста во евро-атлантскиот регион.