Во касарната „Илинден“, денес, 16 ноември 2026 година, свечено беа отворени 12. Ренџерски игри. Тие се традиционална спортско-тактичка манифестација која ги обединува припадниците на Армијата и Министерството за внатрешни работи, потврдувајќи ја соработката, професионализмот и заедништвото меѓу институциите.
На свеченоста по повод отворањето присуствуваа командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, потполковник Зоран Цветковски.
Во своето обраќање, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски ја нагласи значајната улога на Ренџерските игри во унапредувањето и проверката на физичката подготвеност, воените вештини, тимската координација и професионалните способности на припадниците. Исто така ја нагласи важноста на спортскиот и натпреварувачкиот дух, меѓусебната поддршка, почитувањето и доследното исполнување на поставените задачи.
Командантот на ИРб потполковник Зоран Цветковски во своето обраќање истакна дека Ренџерските игри претставуваат многу повеќе од натпреварување за постигнување најдобри резултати. Тие се можност за потврдување на подготвеноста, издржливоста, дисциплината и одлучноста, но и за зајакнување на довербата, тимскиот дух и соработката меѓу припадниците на единиците.
Во текот на натпреварувањето, учесниците ќе имаат можност да ги демонстрираат своите способности и вештини, потврдувајќи ги високите професионални стандарди и вредностите што ги красат припадниците на овие единици.








