Во период од 12 до 21 мај, персонал од составот на Баталјонот на Воена полиција (бВП) учествуваше на меѓународна воено-полициска вежба „Beyond Horizon-25” на полигонот за обука во Ново Село во Република Бугарија.
Покрај припадниците на бВП на меѓународната воено-полициска вежба учествуваа и припадници на Воена полиција од 8 (осум) земји (Бугарија, Канада, Романија, Грција, Чешка, Италија, Шпанија и САД), со кои нашата Армија има воспоставено соработка од доменот на службите на Воена полиција. Вежбата имаше за цел да ја унапреди синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на воено-полициски задачи помеѓу армиите од деветте земји учеснички на вежбата.
Како и досега, припадниците на бВП со своето професионално и одговорно однесување придонесуваат за одлична афирмација и подобрување на угледот на единицата, како и на Армијата во целост на меѓународно ниво.
За време на вежбата, припадниците на бВП заедно со другите учесници, реализираа обука на повеќе теми и тоа: мобилна контролна точка, обезбедување и ескорт на висок воен раководител, кордон и пребарување, борбени вештини, постапки со воени заробеници, справување со нарушен јавен ред и мир и др. Беше демонстрирано високото достигнато ниво на интероперабилност и способност за интеграција во меѓународните сили при извршување на операции со висок интензитет.
Со учеството на припадниците на бВП на вакви меѓународни воено-полициски вежби се овозможува подобро разработување на процедурите, тактиките и техниките во организирањето и изведувањето на воено-полициски задачи, согласно стандардите на воено-полициската заедница во НАТО.