Во период од 02.09 до 05.09.2025 припадниците на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРб) земаа учество на меѓународниот натпревар „11 Best Squad Competition“, кој се одржа во Република Словенија.
На натпреварот учествуваа екипи од сојузнички и партнерски армии на НАТО и истиот претставуваше одлична можност за проверка на индивидуалните и колективните способности, издржливоста и тимската работа на учесниците.
Македонските „Ренџери“ на овој престижен натпревар ја покажаа својата професионалност, подготвеност и посветеност. Нашиот тим се натпреваруваше во повеќе дисциплини и сценарија кои опфаќаат физички, тактички и лидерски задачи со целосна примена на современите воени стандарди.
Преку учеството, Армијата не само што ја потврдува својата оперативна способност, туку и придонесува за унапредување на интероперабилноста и зајакнување на соработката со армиите на сојузничките и партнерските држави. Со ова, нашите припадници уште еднаш ја потврдија својата посветеност кон заедничките цели и вредности.