
Mисија:
Обезбедува воздушна поддршка и транспорт на единиците на Армијата, набљудување на воздушниот простор на Република Северна Македонија и противвоздушна одбрана на елементите на борбениот распоред на единиците, позначајни објекти на мали височини, обезбедува целосен суверенитет на државниот воздушен простор и учествува во операции за поддршка на мирот надвор од државата. Воедно при елементарни непогоди и катастрофи извршува и поддршка на цивилните структури во справување со елементарните непогоди и кризни состојби како што се пребарување и спасување, гаснење на пожари и медицинска евакуација.
Задачи:
- Координација и контрола на плановите на потчинетите единици;
- Планирање и реализација на мерки, активности и постапки за подигнување на нивото на борбена готовност согласно проценетата безбедносна состојба и добиените наредби;
- Воздушна поддршка на единиците на Армијата;
- Планирање и реализација на активности и постапки за поддршка на централната и локалната власт во справување со елементарни непогоди;
- Организација и спроведување на набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор на Републиката;
- Постојано следења на воздухопловите во воздушниот простор над Републиката;
- Навигациска помош на воздухопловите ;
- Идентификација на воздухопловите во воздушниот простор над Републиката;
- Против воздушна одбрана на елементите на борбениот распоред на единиците и на позначајни објекти на територијата;
- Обука, преобука и тренажа на пилоти за потребите на Армијата и МО;
- Дистрибуција на слика за состојбата во воздушниот простор до заинтересираните корисници;
- Автоматска дигитална размена на податоците за ситуацијата во воздушниот простор на регионално ниво;
- Подготовка за извршување на мобилизација;
- Постигнување и одржување на борбената готовност;
- Обука на персоналот за учество во мултинационални операции и мисии за одржување на мирот и борба против тероризмот;
- Учество на вежби со НАТО и коалиционите партнери.
Полковник Драган Павловски
Датум и место на раѓање: 29.10.1975 година во Куманово, Република Македонија.
Образование
Во период од 1990-1994 година учел во гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово, а во период од 1994-1998 година студирал и дипломирал на Правниот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (отсек: Меѓународна дипломатија).
Со претходно повеќегодишно летачко искуство, во текот на 2002 година успешно го завршил стручното оспособување и усовршување за офицери при Воената академија во Скопје, насока: Авијација. Обуката ја завршил како пилот на авион Злин 242Л.
Се стекнува со звања прв пилот, инструктор и наставник по летање на транспортен хеликоптер Ми-8МТ/17 и пилот од 1-ва категорија.
Во период од 2015-2016 година ја завршил Воздухопловната командно-штабна академија (Air Command and Staff College, ACSC) при Воздухопловниот универзитет во Воздухопловната база Максвел во Монтгомери, Алабама, САД.
Воена кариера
Воената кариера ја започнал како пилот во школско-тренажен сквадрон. Во досегашната кариера извршувал повеќе командни и штабни должности во сквадронот на транспортни хеликоптери, сквадронот на борбени хеликоптери, Командата на вВИНГ и Здружената оперативна команда. Од 2020 до 2025 година бил упатен на меѓународна должност во седиштето на НАТО во Брисел, а по враќањето продолжува со работа во Министерството за одбрана.
Во досегашната кариера има добиено 77 признанија, пофалници, благодарници и сертификати за својата работа, како и за учество на домашни и меѓународни активности.
Меѓународни признанија
- Од страна на поранешниот висок претставник на ЕУ и поранешен генерален секретар на НАТО, д-р Хавиер Солана, има добиено два сертификата и одликуван е со два Медали за служба во Европската одбранбено-безбедносна политика (The European Security Defense Policy Service Medal) за учество во мисиите при Европската унија – операција ALTHEA во Босна и Херцеговина, во времетраење од вкупно две ротации, во 2006 и 2008 година.
- Од страна на началникот на штаб на НАТО Командата за здружени сили во Неапол, генерал-потполковник General Antonio Vittiglio (NATO JFC Naples, Italy) има добиено сертификат за одлична реализација на вежбата REGEX 19 во улога офицер со примарна одговорност (OPR).
- Во период од 2020 – 2025 година бил упатен на меѓународна должност во рамките на Постојаната делегација на Северна Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, Кралство Белгија. За таа цел има добиено благодарници од НАТО за учество во работата на комитетите и работните тела од областа на ВВ и ПВО.
Учество на позначајни курсеви, семинари и обуки
- Летачка обука и стекнување со звање пилот на ВВ и ПВО, Скопје, 2002 година;
- Курс за инструктори, техники за воена обука и инструкции, Скопје, 2003 година;
- Курс за НАТО оценувач, ниво 1, OCC Evaluator Training Course, Сковде, Шведска, 2007 година;
- Семинар за приеми, протоколи и други воени манифестации на ЕУФОР, Сараево, Босна и Херцеговина, 2008 година;
- Курс за НАТО оценувач, ниво 2, напредно ниво, TACEVAL, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2009 година;
- Курс за НАТО оценувач, практичен завршен дел, Букурешт, Романија, 2010 година;
- Курс за штабни должности, Воена академија, Скопје, 2010/2011 година;
- Семинар за планирање мисија на авијациски единици, тим од Вермонт-САД, Петровец, 2012 година;
- Семинар за справување со ризици, тим од Вермонт-САД, Петровец, 2012 година;
- Семинар за воздушно пребарување и спасување, Центар за безбедност „RACVIAC“, Загреб, Хрватска, 2012 година;
- Курс за медиа инструктор во Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) при Министерството за одбрана, 2012, 2013 и 2014 година;
- Семинар од НАТО за заштита на животната средина и менаџирање во воени услови, Охрид, 2015 година;
- Курс за процесот во НАТО за планирање на вежби, Подгорица, Црна Гора, 2016 година;
- Курс за НАТО инфо операции, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2017 година;
- НАТО семинар за хеликоптери, Краков, Полска, 2017 година;
- Курс за „Отворено небо“, НАТО училиште, Оберамергау, Германија, 2018 година.
- Регионална колективна обука од НАТО за планирање на вежби, тим на експерти од Здружената команда на НАТО во Неапол, Скопје, 2018/2019 година;
- Семинар за менаџирање на кризи и кризни состојби, Скопје, 2019 година.
Учество на домашни и меѓународни вежби
- Домашни вежби: Македонски Блесок, Балкански Блесок, 2010 година, Предизвик, 2011, 2012 и 2018 година, Longbow Lancer, 2012 година, B-9, Wise Wolf, 2012 година, Здружена реакција, 2017 година, Есенска бура, 2018 година и Регионална вежба REGEX, 2019 година.
- Меѓународни вежби: Cooperative Key, 2005 година, Пловдив, Бугарија; Eagle SAR, 2005 година, Тирана, Албанија; Контрола на вооружување, 2008 година, Рованиеми, Финска; Logical Decision, 2010 година, Папа, Унгарија; VIKING 11, 2011 година, Ливгарден, Шведска; Rapid Trident, 2012 година, Лвив/Лвов, Украина; Logical Decision, 2012 година, Солнок, Унгарија; Immediate Response, 2013 година, Загреб, Хрватска; Immediate Response, 2014 година, Постојна, Словенија; Adriatic Strike, 2018 година, Церкље, Словенија; Anatolian Phoenix, 2019 година, Коња, Турција и REGEX 20, 2020 година, Рабат, Мароко.
Позначајни работни активности и ангажмани
Полковник Драган Павловски учествувал во активности како НАТО оценувач, ниво 1 и ниво 2 во државата и во странство. Бил првиот координатор за започнување на мисијата за Заштита и надзор во воздушниот простор на Република Северна Македонија (Air Policing), член за спроведување на стратешката цел за NATINAMDS во состав на Работната група за пристап и интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, член на Работната група за стандардизација од областа на ВВ, операции и вооружување, член на Работната група за изработка на СОП, одговорен за имплементација на Партнерските цели од военото воздухопловство, а подоцна и национален претставник во НАТО комитети и работни тела.
Полковник Драган Павловски бил лидер на Интегрираниот проектен тим за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери, како и Проект – менаџер за довршување на модернизацијата на хеликоптерите. Тој е инструктор во Регионалниот центар за односи со јавноста (PARC) при Министерството за одбрана како единствен НАТО акредитиран центар во државата од областа на односите со јавноста и стратегиските комуникации во Алијансата. Исто така бил предавач на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, како експерт од практика во воздухопловството. Активно пишува текстови за списанието „Штит“ од областа на НАТО и Военото воздухопловство.
Полковник Драган Павловски е оженет и татко на две деца.
Полковник Игор Чкоров
Полковник Игор Чкоров е роден на 24.04.1974 година во Загреб, Република Хрватска. По завршување на основното и на средното електро-техничко образование во Загреб, продолжува со студирање на Машински факултет во Скопје. Во 2002 година завршува курс за оспособување и усовршување за офицери на авијација во Воена Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Воената кариера ја започнува како пилот во школско тренажен сквадрон. Во досегашната кариера извршувал повеќе командирски и командантски должности на ниво на флајт и сквадрон, како и началнички во командата на вВИНГ. Од 31.12.2021 година е поставен за Заменик на Командантот на вВИНГ.
Пилот е на авион Злин 242л и пилот и наставник по летање на хеликоптер Ми-24.
Учествувал на повеќе воени вежби во државата и во странство, меѓу кои Блесок, Предизвик, Logical Decision, Adriatic Strike и други. Во надградување на военото образование има завршено курс за инструктори, обука за летање со NVG во Франција, воздухопловна термиологија во Турција, курс за оценувачи по TACEVAL во Германија и Командно Штабна Академија на Воената Академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Повеќе пати е наградуван и пофалуван. Активно го користи англискиот јазик. Полковник Игор Чкоров е оженет, татко на две деца.
Претходни должности:
Во досегашната кариера ги извршува следните должности:
- Пилот во школско тренажен сквадрон, 2002-2004 година,
- Пилот во борбен хеликоптерски сквадрон 2004-2005 година,
- Пилот-заменик командир на летачки флајт во борбен хеликоптерски сквадрон, 2005-2008 година,
- Командир на летачки флајт во борбен хеликоптерски сквадрон, 2008-2011 година,
- Офицер за операции-заменик командир на борбен хеликоптерски сквадрон, 2011-2013 година,
- Началник на штаб – заменик командант во сквадрон за борбени хеликоптери 2013-2015 година,
- Командант на сквадрон за борбени хеликоптери, 2015-2020 година,
- Началник на Секција за операции и борбена готовност во командата на вВИНГ, 2020-2021,
- Заменик на командантот на вВИНГ, од декември 2021 година.
Унапредувања:
- Поручник 2002-2006,
- Капетан 2006-2011,
- Мајор 2011-2016,
- Потполковник од 2016,
- Полковник 2023.
Главен наредник Тони Алексиќ
Главен наредник Тони Алексиќ роден е на 08.12.1973 година во Куманово. Оженет и татко на две деца. По завршувањето на основното образование во Куманово и на средното воено училиште на Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана во Рајловац – Сараево, се произведува во чин водник на Военото воздухопловство. Воената кариера ја започнува во 1997 година во Полкот за врски на СЈВ „Водно“. Во 2001 година добива прекоманда во ВВ и ПВО на АРМ како техничар по авиовооружување во авијациски сквадрон. По завршената обука во 2005 година се стекнува со звање летач-оператор-навигатор на хеликоптер МИ-24. Во 2014 година стекнува звање техничар летач инструктор, а во 2020 година стекнува звање техничар летач наставник. Учествува во повеќе воени вежби во земјата и странство. Повеќе пати е пофалуван и наградуван. Има добиено сребрена значка за служба во Армијата и златна значка за партнерство, координација и соработка.
Претходни должности
- Оператор по врски во Полкот за врски на СЈВ Водно од 1997 до 2001 година;
- Техничар по воздухопловно вооружување во Авијациски сквадрон на ВВ и ПВО на АРМ од 2001 до 2005 година;
- Летач-оператор-навигатор во Сквадрон на борбени хеликоптери од 2005 до 2018 година;
- Подофицер за буџет и финансии во Секција А-8 во Командата на вВИНГ од 2018 до 2023 година;
- Главен подофицер вВИНГ од 2023 година.
Унапредувања
- Водник 1 класа од 2001 до 2009 година;
- Постар водник од 2009 до 2012 година;
- Постар водник 1 класа од 2012 до 2016 година;
- Наредник од 2016 до 2023 година;
- Главен наредник од 2023 година.
Поручник Јасир Ислами
Поручник Јасир Ислами е роден на 11 јануари 1997 година во Скопје, каде го завршува основното образование, а средното образование го има завршено во СУГС „Зеф Љуш Марку“ во периодот 2011–2015 година.
Во 2019 година дипломира на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на насоката Мехатроника. Во 2022 година успешно го завршува курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери за службите во Армијата, со што ја започнува својата офицерска кариера.
Во текот на своето професионално усовршување има завршено повеќе курсеви во земјата и странство:
- „Protocol Course“ – Скопје, 2022 година;
- „Basic Public Affairs Course“ – PARC, Скопје, 2024 година;
- „Strategic Communication Course“ – RACVIAC, Загреб, 2024 година;
- „Public Affairs in International Operations Course“ – PARC, Скопје, 2024 година;
- „Public Affairs Workshop“ – DMTC CAF, Сараево, 2024 година.
Двапати е пофален од командантот на Командата за операции и еднаш од началникот на Генералштабот на Армијата, а воедно му се доделени наградни денови како признание за постигнати резултати и придонес во извршувањето на службените задачи.
Претходни должности:
- Командир на вод за логистичка поддршка во бВ, 2022 година;
- Офицер за протокол во КО, 2022–2024 година;
- Офицер за односи со јавноста во вВИНГ, од 2024 година.
Унапредувања:
- Поручник – 2022 година.
Познавање на странски јазици:
- Англиски јазик;
- Шпански јазик.

Военото воздухопловство на Република Македонија е конституирано со одлука на првиот претседател на Република Македонија, г-дин Киро Глигоров на 10 април 1992 година. Со тоа е конституирана командата на ВВ и ПВО, Авијациска Бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон.
По повод првиот историски лет на македонското воено воздухопловство со авион од типот УТВА-75, 10 јуни се слави како ден на македонското воено воздухопловство и противвоздушната одбрана.
Генерално развојот на Военото воздухопловство во Република Македонија се движеше на следниот начин:
- Воздухопловна бригада, во состав на Здружената Оперативна Команда од 2012 година;
- Воздухопловен ВИНГ, во состав на Здружената Оперативна Команда од 1видекември 2005 година (Командата на ВВ и ПВО е укината на 30ти септември 2005 година);
- Воздухопловен ВИНГ, во состав на Командата на ВВ и ПВО од 2002 година;
- Авијациски баталјон, во состав на Командата на ПВО и ВВ од 2001 година;
- Воздухопловна бригада од 1994 година;
- Авијациска бригада, формирана од 1992 година.
1992 година
- Во 1992 година од страна на Владата на Република Македонија (објавени во Службен весник на Република Македонија, број 7 од 10.02.1992 година) биле донесени две одлуки, со кои се регулирани прелети на воздухоплови во воздушниот простор на нашата држава. Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана, како вид во вооружените сили е конституирано на 10 април 1992 година со одлука на првиот претседател на Република Македонија. Била формирана Управа за ВВ и ПВО при Генералштабот на Армијата на Република Македонија и Команда на ВВ и ПВО составена од: Авијациска бригада, Лесен артилериско-ракетен полк (ЛАРП ПВО), Полк за воздушно набљудување, јавување и наведување (ВНЈИН) и Воздухопловна база.
- После успешно завршување на теоретската обука, со Наредба на Командата на ВВ и ПВО на 10 јуни 1992 година започнала практична обука во воздух, односно преобука и оспособување за вршење на наставничка должност. Согласно Планот за летање на авијациската бригада од 09 јуни 1992 година, изработен за летачкиот ден 10 јуни 1992 година, првата македонска воена посада која полета ја сочинуваа старешините Дане Илијевски и Александар Манев, со авион од типот Утва-75. Летот траел 20 минути, а бил реализиран во периодот од 10.15 до 10.35 часот во пилотажна зона Драчево. По тој повод, денот 10 јуни се слави како ден на Военото воздухопловство.
- За вооружување на Лесен артилериски ракетен полк (ЛАРП) ПВО од страна на Територијалната одбрана на Македонија биле одстапени лесни противавионски преносни ракетни системи „Стрела-2М“, противавионски топови 40мм и противавионски топови 20/3мм.
- Полкот ВНЈИН за контрола на воздушниот простор не располагал со радарски системи и овој недостаток бил покриен со организирање на т.н. воздухопловно-набљудувачки станици на земја, со определен број на персонал во улога на визуелни набљудувачи на воздушниот простор кон определени сектори и правци. Се вршела координација со Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба, односно со Аеродромската контрола на летање на аеродромот Петровец (која во употреба имала секундарен радар од типот „Thomson“) и со Аеродромската контрола на летање на аеродромот Охрид. Прибирање, обработка и прикажување на податоците за состојбата во воздушниот простор се координирала и вршела во Оперативниот центар на Командата на ВВ и ПВО.
- Во тие немирни и нестабилни услови, формирањето на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана започна на 28 февруари 1992 година во Домот на ЈНА, на иницијатива на полковникот Миле Манолев и во соработка со првиот министер за одбрана по донесувањето на Уставот на суверена и независна Република Македонија. Со наредба на министерот за одбрана за прв командант на ВВ и ПВО во периодот од 1992 до 1996 година бил поставен бригаден генерал Миле Манолев.
- Во рамките на Генералштабот на Армијата на Република Македонија формирана е Управа за ВВ и ПВО со четири одделенија во својот состав: одделение за авијација, одделение за АРЕ на ПВО, одделение за ВНЈИН и одделение за воздухопловно-техничко обезбедување.
1994 година
- Оопремувањето на македонското ВВ и ПВО со хеликоптери, кои ќе можат да се користат од службите за итна медицинска помош, се наметна како врвен приоритет за нашата земја. И покрај сеуште постоечкото ембарго на Обединетите нации за увоз на оружје и воена опрема, во 1994 година македонското воено воздухопловство успеа да се опреми со четири транспортни хеликоптери од типот Ми-17. На 28 јуни 1994 година во 09:32 часот, единиците на ВВ и ПВО го добија првиот хеликоптер од типот Ми-17. Македонија успеа да купи и да го опреми сопственото воено воздухопловство со нови, цивилно-конфигурирани, транспортни хеликоптери од типот Ми-17. Веднаш по испораката хеликоптерите беа искористени за официјално ставање во функција на 301-иот транспортен хеликоптерски сквадрон.
1995 година
- На 15 ноември 1995 година, Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, со што државата стана 27-та членка на мировната иницијатива. Партнерство за мир е програма на НАТО насочена кон соработка и создавање доверба помеѓу членките на НАТО и останатите земји, со цел да ја зголеми стабилноста и безбедноста низ Европа. Со приемот на Република Македонија во Партнерството за мир, дел од старешините од Командата на ВВ и ПВО зедоа активно учество како набљудувачи на меѓународни вежби во организација на НАТО.
- Во текот на 1995 година, беше реализирана набавка на примарен дводимензионален радарски систем „NAR M-61“, изработен под лиценца на француската компанија „Thomson“. Овој радар предходно беше лоциран на аеродромот Охрид, неисправен и вон употреба. Од страна на припадниците на единицата, радарот беше пребазиран, инсталиран и ремонтиран. Со пуштање во оперативна употреба на овој набљудувачки радар, беа реализирани интензивни обуки за припадниците од родот за воздушно набљудување, јавување и наведување, а паралелно со тоа започнаа интензивни активности во оперативниот центар на ВВ и ПВО на Дренов Дол.
1996 година
- На почетокот на 1996 година од Република Чешка пристигнаа школско-тренажните авиони од типот ЗЛИН-242. Авионите беа искористени за втемелување на 101-ви авијациски сквадрон. Овој тип на авион е погоден за основна обука на пилоти, акробатско, навигациско, инструментално и ноќно летање, летање во формација и изведување борбени маневри.
1997 година
- На почетокот на 1997 година од страна на Воздухопловниот центар за електронски системи на военото воздухопловство на САД, беше изработена Студија за модернизација во управување со воздушниот простор, со дадени конкретни и детални препораки. Како резултат на оваа иницијатива и изработената студија започнаа и одредени активности за формирање Центар за обезбедување на суверенитетот во воздушниот простор. Овој центар ќе работи според стандардите на НАТО, кој подоцна сo интегриран систем за ПВО би бил поврзан со интегрираниот систем на НАТО за воздушна и ракетна одбрана (NATO Integrated Air and Missile Defense System – NATINAMDS).
2000 година
- Во периодот од 04 до 14 септември 2000 година, припадниците на Воздухопловната бригада со транспортни хеликоптери Ми-17 учествуваа на НАТО (Партнерство за мир) вежба, позната како „Кооперативен клуч“. Вежбата беше реализирана во Констанца, Романија. Ова беше прво, меѓународно претставување на нашите сили и хеликоптерите, воедно и прв лет надвор од воздушниот простор на Република Македонија после осамостојувањето. Покажаните позитивни резултати околу ангажирање на претставниците на ВВ и ПВО донесоа уште едно високо меѓународно признание и потврда за високиот степен на оспособеност на старешините од летачкиот и техничарскиот состав.
2001 година
- Во периодот од 17 март до 04 септември 2001 година, воздухопловните сили го збогатија својот арсенал со хеликоптери Ми-8 и хеликоптери УХ-1Х за транспортна хеликоптерска единица, хеликоптери од типот Ми-24 и Ми-24К (наменети за извидување на бојното поле и за корекција на артилериски оган) во состав на борбена хеликоптерска единица, како и авиони Су-25 за авијациска борбена единица.
- Во текот на јуни 2001 година со Указ број 28, полковник Звонко Стојановски беше поставен по мирновремена и воена формација за командант на Командата на противвоздушна одбрана и воено воздухопловство во Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Следствено со Указ број 32, полковник Звонко Стојановски беше унапред во чин бригаден генерал. Како командант на ВВ и ПВО од 2001 година, генералот Стојановски ја извршуваше својата должност се до 2003 година.
- За зајакнување на противоздушната одбрана, беа набавени ракетните системи од типот Игла-1 и Стрела-10. Во касарната Страшо Пинџур во Петровец заврши курсот за оспособување на старешини од Армијата на Република Македонија, за ракувуање, одржување и борбена употреба на леснопреносниот ракетен систем „Игла 1 и лесно самоодниот ракетен систем „Стрела 10М“ (SA-13 “Gopher”).
- На 26 ноември 2001 година, во јавноста беше претставен ново-формираниот 501.Падобрански специјален одред „Соколи“, потчинет на Командата на ВВ и ПВО. Со квалитетна селекција и врвна обука беа оспособени преку 100 падобранци за извршување на разни мисии, како на пример: наведување на авијација при дејство на цели на земја, заштита на витални објекти на ВВ и ПВО, изведување на специјални операции во длабина на непријателска територија, мисии на барање и спасување (SAR) и мисии на борбено барање и спасување (CSAR), медицинска евакуација (MEDEVAC) и други задачи. Припадниците на Падобранскиот специјален одред беа обучени за најкомлицирани и најразновидни дејства од досегот на специјалното војување, подготвени за содејство и работа во рамките на хеликоптерите операции.
- Во текот на 2001 година во полкот беше примена донација на два радари „DRVN 2C“ од Франција, кои беа произведени во 1958 година. Набргу потоа беше завршена обука на нашите припадници, а радарите беа ставени во оперативна употреба.
2002 година
- Во текот на 2002 година, на сила стапи новата организациска структура, која доведе до реорганизација и промена на Авијациска бригада во воздухопловен ВИНГ со четири сквадрони: авијациски борбен сквадрон, хеликоптерски борбен сквадрон, транспортен сквадрон и школско-тренажен сквадрон. Во рамките на Генералштабот на АРМ, се формираше одделение за ВВ и ПВО.
- На меѓународен план помеѓу другото успешно заврши подготовка за учество на вежбата „Кооперативен клуч 02“. Истата беше реализирана во местото Снт. Дизиер, Франција во периодот од 20 септември до 08 октомври. На вежбата учествуваа вкупно 24 припадници и два хеликоптери Ми-17. Припадниците на нашиот контигент имаа активна улога во реализација на мисиите за евакуација, превезување на персоналот на вежбата, како и во барање и спасување на повредени лица.
2003 година
- Настан за обележување беше и учеството на припадниците на вВИНГ на вежбата „Кооперативен клуч 2003“ во рамките на Програмата на НАТО и Партнерството за мир, што се одржа од 01 до 13 септември на воениот аеродром Граф Игнатиево во близина на Пловдив, Бугарија.
- Понатаму во делот на вежбовните активности, македонските падобрански командоси, заедно со припадниците на албанската и на италијанската армија, учествуваа на вежбата „Орел 03, Барање и спасување“. Беа извежбани процедури на барање и спасување на копно, по воздух и по водени површини, медицинска евакуација во воздухопловни несреќи, како и проверка и потврда на подготвеноста за исполнување национални и меѓународни норми за спасување и барање. Тридневната трилатерална (македонско-албанска-италијанска) воена вежба се одржа во рамките на Јадранската група и Партнерството за мир.
- На 11.10.2003 година, воздухопловната федерација на Македонија во соработка со военото воздухопловство и аероклубовите Куманово, Скопје, Битола, Прилеп и Штип, на спортскиот аеродром „Аџитепе“ во Куманово реализираа голем аеромитинг. За реализација на оваа манифестација, имеше неколку поводи: 100 години од Илинденското востание, 100 години постоење авијација односно еден век од првиот лет со авион на браќата Рајт, како и по повод празникот 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ.
2004 година
- По завршувањето на првата фаза наречена „Јасмин” од проектот за модернизација, која започна во 2004 година и со која беа надградени борбени хеликоптери „Ми-24″ и транспортни хеликоптери „Ми-17″, Македонија им се приклучи на земјите кои поседуваат летала со „Head Up“ дисплеј односно со дигитално проектирање на сите параметри на визирот на пилотот. Република Македонија беше една од ретките земји која располага со хеликоптери кои можат безбедно да оперираат 24 часа. Во тоа време, таа беше четврта земја во Европа која го има овој систем за ноќно летање, а кој беше еден од најмодерните.
2005 година
- Во текот на 2005 година, Република Македонија достави официјално барање до НАТО за пристап и вклучување во „Програмата за размена на податоци за состојбата во воздушниот простор“ (ASDE-Air Situation Data Exchange). Програмата овозможува и преставува проширување на регионалната соработка со земјите членки на НАТО и земјите аспиранти за членство во областа на контрола и управување со состојбите во воздушниот простор. Со прифаќање на оваа барање од страна на НАТО, подоцна следуваше потпишување на договор со SHAPE и Грција за поврзување на Македонија со нивните системи за размена на податоци за состојбата во воздушниот простор.
- Во периодот од 24 август до 5 септември, македонското воено воздухопловство учествуваше на меѓународната НАТО/ПзМ вежба „Cooperative Key 2005“ во воената база Граф Игнатиево, кај Пловдив, Република Бугарија. Контигентот беше составен од припадници на вВИНГ од земскиот и летачкиот персонал, екипа за медицинска евакуација и тим од падобранската единица.
- Втората значајна меѓународна активност во текот на 2005 година беше учеството на вежбата „Eagle SAR 05“ со хеликоптери и потребен персонал, на аеродромот Фарка во непосредна близина на Тирана, Албанија.
- Двете вежби беа подготовка за првото меѓународно упатување на декларираниот хеликоптерски детачмент на Македонија за реализација на меѓународна мировна мисија во рамките на Европската Унија.
2006 година
- Согласно наредба и динамичен план од 23 март 2006 година, декларираните припадници од транспортниот хеликоптерски сквадрон и воздухопловно – техничкиот персонал започнаа со интензивни подготовки за заминување во мировна мисија на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцрговина. На 22 мај 2006 година, Собранието на Република Македонија донесе донесе Одлука заведена под број 07-2080/1 за испраќање единица за учество во мировна операција на Европската Унија во Босна и Херцеговина (во рамките на ЕУФОР). Единицата односно хеликоптерскиот деташман беше составен од два хеликоптери Ми-8/17 со деклариран персонал од повеќе специјалности. Понатаму, на 3 јули 2006 година во седиштето на Советот на Европската Унија во Брисел, беше потпишана Спогодба за учество на Република Македонија во мисија на Европската Унија во Босна и Херцеговина. Со потпишувањето на оваа спогодба на Македонија и се даде зелено светло за активно учество во мисијата на Европската Унија, позната како „АЛТЕА“. Мисијата „АЛТЕА“ беше трета меѓународна мировна мисија на нашата земја, после мисиите во Ирак и Авганистан, но прва мисија во рамките на Европската унија, воедно прва мисија за воздухопловните сили.
2007 година
- По завршување на првата фаза на модернизација на македонските хеликоптери, се премина кон реализација на втората фаза наречена „Александар”. До крајот на 2007 година со проектот беше планирано да им се приклучат повеќе борбени и транспортни хеликоптери, во кои ќе биде вграден систем за ноќно летање, системи за инструментално полетување и слетување, радиокомуникациска опрема, систем за дигитална навигација, опто-електронски системи со термални камери за откривање, следење и снимање цели на земјата, дење и ноќе односно во сите временски услови. По завршување на обуката, во присуство на високи претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, како и на претставници на израелската компанија Elbit SISTEMS Ltd., официјално беа промовирани првите пилоти – инструктори за оперирање со системот за ноќно летање (ANVIS/HUD-24).
- Во текот на 2007 година, согласно Концептот на НАТО за оценување на оперативните способности (Operational Capabilities Concept Evaluation and Feedback – OCC E&F) македонски претставници и оценувачи на декларираниот хеликоптерски деташман, под мониторинг на НАТО, извршија Самооценување ниво 1.
- Соработката помеѓу армиите на Македонија и Словенија на подрачјето на противвоздушната одбрана започна есента 2007 година, кога вооружените сили на Словенија на АП „Криволак” реализираа техничко гаѓање на цели во воздушниот простор со ЛПРС „Игла“, додека припадниците од бПВО од АРМ извршија тренажни гаѓања на цели во ВоП со ЛПРС „Игла“. Воедно, припадниците на 1.лесна ракетна батерија од 9.баталјон на противвоздушната одбрана на словенечката армија, на армискиот полигонот Криволак за време на подготовките за изведување на боевото гаѓање на цели во воздух со ЛПРС „Игла” изведоа и обука за припадниците на АРМ.
2008 година
- Како резултат на вклучување во “Програмата за размена на податоци за состојбата во воздушниот простор“ (ASDE-Air Situation Data Exchange) во 2005 година (која овозможува проширување на регионалната соработка со земјите членки на НАТО и земјите аспиранти за членство во областа на контрола и управување со состојбите во воздушниот простор), на наше барање до Алијансата, а за прв пат во нивната пракса, НАТО прифати да изготви Студија за заштита на суверенитетот во воздушниот простор на Македонија, за земја аспирант за членство во Алијансата. Со помош на експерти од нашата држава и експерти од НАТО се отпочна со изработка на студијата во 2008 година. Оваа студија во наредните три години беше завршена, со што беше започнат процесот на нејзина фазна реализација.
2009 година
- Во рамките на билатералната вежба „Предизвик 09“, која беше реализирана во периодот од 04-13 септември 2009 година, припадниците на Баталјонот за противвиоздушна одбрана извршија стационарно логорување со боево гаѓање со лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „Игла“ на армискиот полигон Криволак. Гаѓањето беше реализирано во соработка со претставници на Армијата на Република Словенија.
- Уште една потврда за посветеноста на воздухопловниот персонал беше презентацијата и боевото гаѓање, реализирани на 26 ноември 2009 година. Првпат на ваков настан кој во суштина е редовен дел од обуката на пилотите, присуствуваа Врховниот командант, министерот за одбрана и началникот на Генералштабот. Презентација на персоналот и воените воздухоплови се случи на аеродромот „Александар Велики“, а боевото гаѓање во текот на истиот ден на армискиот полигон Криволак. Формацијата за летање на воздухопловите на аеродромот Петровец беше предводена од четири хеликоптери Ми-24 поставени во парови, по нив следеа хеликоптерите Ми-17 во формација од три хеликоптери, потоа авионите ЗЛИН-242Л во пар, а зад сите нив леташе лагендарниот авион Антонов-2. За прв пат од постоењето на вооружените сили се одржа еден ваков масовен демонстративен лет на воздухопловите на Армијата. Формацијата од десет воздухоплови од различен тип, претставуваше исклучителен настан достоен за почит и паметење. Во вториот дел од настанот, воздухопловниот ВИНГ изведе боево гаѓање со хеликоптерите Ми-8 и Ми-24 на армискиот полигон Криволак. Гаѓањето со хеликоптерите се реализираше во рамки на редовните вежбовни активности на оваа единица, кои во пракса го демонстрираа остварувањето на блиска воздушна поддршка на маневарските единици со гаѓање цели на земја.
2010 година
- Во текот на 2010 година беше извршено следното ниво на оценување познато како Самооценување Ниво 2 на декларираниот хеликоптерски деташман за време на вежбата „Балкански Блесок 2010“. Оценувањето го извршија сертифицирани македонски оценувачи, под менторство на претставници од НАТО. Една од главните цели на вежбата беше да се оцени нивото на извежбаност и подготвеност за употреба на деташманот во различни операции во мирновременски и кризни состојби предводени од НАТО, ЕУ и ООН согласно Концептот за оперативни способности.
- Согласно проектот на Владата на Македонија за изградба на аеродромот „Александар Велики“, од април 2010 година започнаа активности околу неговата реконструкција. Новото управување, оперирање и одржување беше доделено на турската компанија „TAV“. До крајот на годината се изврши предавање, демонтирање и рушење на повеќе објекти: анекс од командната зграда, фото лабараторија, пилотскиот ресторан, техничките работилници и војничкиот клуб. Во тогашните хангари кои беа демонтирани, можеше да се сместат истовремено повеќе авиони и хеликоптери. На местото на овие хангари денеска се наоѓа новата платформа пред терминална зграда на Меѓународниот аеродром Скопје.
- На меѓународен план во периодот од 04-15 октомври, формација на хеликоптери во состав – еден хеликоптер Ми-8/17 и два хеликоптери Ми-24 со персонал од 35 припадници, учествуваа на LiveEx меѓународната вежба „Logical Decision 2010“ во Папа, Република Унгарија.
2011 година
Припадниците на Баталјонот за противвоздушна одбрана и припадниците на летачките сквадрони во вВИНГ, заедно со припадниците на Вооружените сили на Република Словенија, во текот на септември учествуваа на билатералната воена вежба „Предизвик 2011“. Вооружените сили на двете држави ја прикажаа својата обученост со: гаѓање цели во воздушниот простор со лесен преносен ракетен систем „Игла”, бомбардирање со борбените авиони „Pilatus -PC-9М“ и ракетирање со борбените хеликоптери Ми-24. Водот ПВО за време на вежбата беше оценуван од страна на оценувачи од Словенија и истиот доби највисоки оценки за изведување на ПВО во согласност со НАТО стандардните оперативи процедури.
2012 година
- Значаен јубилеј што настапи во јуни 2012 година беше навршувањето на 20 години од постоење на Военото воздухопловство и противвоздушна одбрана односно постоење на Воздухопловната компонента на Република Македонија. Промоцијата на вбр беше во насока на повторно соединување на трите рода на ВВ и ПВО со надеж дека во иднина прославите од ваков карактер ќе промовираат поголеми и формациски посилни единици во рамките на Армијата каде што Воздухопловната компонента ќе биде соодветно претставена. Воздухопловната компонента на АРМ преживеа неколку трансформации за да на крајот се формира како Воздухопловна бригада во рамките на Здружената оперативна команда (ЗОК). Новата формација доведе до спојување на Воздухопловниот ВИНГ, АСОК и ПВО во Воздухопловна бригада.
- На веќе традиционалната воена вежба во Унгарија, военото воздухопловство и специјалните сили при Армијата на Република Македонија во септември по втор пат зедоа учество после одржаната вежба во 2010 година во Папа, Унгарија. Македонија зеде учество со персонал од 50 припадници односно 35 припадници од Воздухопловната бригада со три хеликоптери (два хеликоптери Ми-24 и еден Ми-8МТ).
- Во период од 21-28 септември 2012 година, на армискиот полигон Криволак, се реализираше билатералната вежба „Предизвик 2012”. Достојна за почит, вежбата „Предизвик 2012” беше петта по ред од ваков вид која на АП „Криволак” заедно ја изведуваат припадници на Армијата на Република Македонија, баталјонот ПВО од воздухопловната бригада и вооружените сили на Република Словенија. На вежбата се реализира боеви гаѓања на цели во воздушниот простор со Лесен преносен ракетен систем (ЛПРС) „ИГЛА”.
- Во декемвриското издание од 2012 година, познатото воздухопловно списание во целиот свет „Air Forces Monthly“ ја издаде сторијата за македонското воено воздухопловство. Беше навистина големо задоволство да се биде дел од најпознатото воено списание за авијацијата.
2017 година
- Учество на националната вежба „Македонски Блесок 13“ и „Здружена Реакција-17“
- Учество на вежбата „Dragon Guardian 17“;
- Учество на вежбата Предизвик 2017 во соработка со вооружените сили на Р. Словенија како резултат на билатералната соработка помеѓу двете земји;
- Учество на вежбата „Platinium Eagle – 17-1“ во улога на набљудувачи во Р. Романија;
- Учество на вежбата „SHILD – 2017“ во улога на набљудувачи во Р.Хрватска;
- Учество на вежбата „Adriatic Strike 2017“ во улога на набљудувачи во Р. Романија;
- Учество на вежба „Search and rescue“ во улога на набљудувачи во Р.Италија.
2018 година
- Со трансформацијата од 2018 година Воздухопловната Бригада се трансформира во воздухопловен ВИНГ.
2019 година
- Учество на вежбата „Adriatic Strike 2019“;
- Учество во вежбата „Аnatolian Phoenix 19“;
- Учество во вежбата „Immediate Response 2019“;
- Учество на вежба „Griffone 2019“ во улога на набљудувачи;
- Учество на вежба „Аnadolian Eagle 2019“ во улога на набљудувчи;
- Учество во вежбата „REGEX 19“;
- Учество во вежбата „Saber Guardian/Decesive Strike 2019“.
2020 година
- Учество во планирачкиот процес за вежбата „Аdriatic Strike 2020“;
- Учество во планирачкиот процес за вежбата „Предизвик 20 “;
- Учество во планирачкиот процес за вежбата „Аdriatic Strike 2021“;
- Учество во планирачкиот процес за вежбата „Одлучен удар 21“.
2021 година
- Учество на вежбата „Decesive Strike 21“;
- Учество на вежбата „Аnatolian Phoenix 21“ во Р. Турција;
- Учество на вежбата „Аnatolian Еagle 21“ во Р. Турција;
- Учество во планирачките процеси за вежбата „Аdriatic Strike 2021“;
- Учество во планирачкиот процес на вежбата „Блесок 22“;
- Учество во планирачкиот процес на вежбата „SWIFT RESPONSE 22“.
2022 година
- Учество на вежбата „Блесок 22“;
- Учество на вежбата „SWIFT RESPONSE 22“;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Аnatolian Phoenix 22“ во Р. Турција;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Anatolian Eagle 22“ во Р. Турција;
- Учество на планирачкиот процес за вежбата „Предизивик 22“ и вежбата „Immediate Response 23“.
2023 година
- Учество на вежбата „Блесок 22“;
- Учество на вежбата „SWIFT RESPONSE 22“;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Аnatolian Phoenix 22“ во Р. Турција;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Аnatolian Еаgle 22“ во Р. Турција;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Anatolian Eagle 22“ во Р. Турција;
- Учество на планирачкиот процес за вежбата „Предизивик 22“ и вежбата „Immediate Response 23“.
2024 година
- Со планот за модернизација на Армијата за вВИНГ предвидена е опремување со повеќенаменски хеликоптери и системи за противвоздушна одбрана на многу мали височини.
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Аnatolian Phoenix 24“ во Р. Турција;
- Учество во на вежбата „Maple Arch 24“;
- Учество во улога на набљудувачи на вежбата „Torrejon Archer 24“ во Р. Турција;
- Учество на вежбата „RAMSTEIN LEGACY 24“;
- Учество на вежбата „Аnatolian Еаgle 24“;
- Учество на вежбата „Аnatolian Fenix 24“.










