
Мисија:
Воздушно набљудување, откривање, идентификација и следење на цели во воздушниот простор на Република Северна Македонија. Генерирање на реално времена слика за ситуацијата во воздушниот простор над државата, дистрибуција до заинтересираните корисници и размена на истата со соседни и НАТО центри за воздушно набљдување и цивилни воздухопловни структури. Рано предупредување за можни и реални опасности од воздух.
Задачи:
- Организација и спроведување на набљудување, контрола и обезбедување на суверенитетот на воздушниот простор.
- Идентификација на воздухопловите во воздушниот простор.
- Автоматска дигитална размена на податоците за ситуацијата во воздушниот простор на регионално ниво.
- Обработка на податоци за ситуацијата во воздушниот простор.
Потполковник Ќемал Џафери
Потполковник Ќемал Џафери е роден на 15.10.1983 во Гостивар. Основно и средно образование ги завршува во Гостивар. Своето образование го продолжува во Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. По четири годишно школување е произведен во првиот офицерски чин потпоручник од родот Авијација.
Во досегашната кариера има извршувано повеќе командни и штабни должности. Од 04.03.2022 година е поставен за Командант на Баталјонот за Воздушно набљудување и јавување. Има завршено повеќе курсеви во странство и во земјата од доменот на управување со воздушниот простор, MASE REMOTE CONSOLE (MASE) и Процесни функции на одделот за следење во оперативен центар за воздушно набљудување во Р. Хрватска, Курс за планирање на вежби – Организирано од DMTC (Канада) во Подгорица – Црна Гора, ОН – Курс за воени набљудувачи на ОН во Хамелбург, СР Германија и други курсеви. Во 2018 го надградува своето воено образование со завршувањето на Специјализација за Командни и Штабни должности во Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Во својата досегашна кариера бил дел од мировната мисија „Алтеа“ ЕУФОР во Босна и Херцеговина во период од 2013/2014 една ротација. Во својата досегашна кариера повеќе пати бил награден и пофален од МО и НГШ за остварените резултати и придонесот во изградбата и развојот на Армијата. Има добиено НАТО медал за учество во мировната мисија „Алтеа“ ЕУФОР во Босна и Херцеговина. Втор циклус студии ги завршува во 2018 година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Технички Факултет – Воздушен сообраќај и транспорт – Битола и се здобива со титула Магистер по воздушен сообраќај и транспорт. Го познава и го користи англискиот јазик, хоби му е Џудото. Оженет е и татко на две деца.
Претходни должности:
- Од 2006 година, Пилот слушател во втор летачки флајт во Транспортен хеликоптерски сквадрон во ВИНГ, во чин потпоручник;
- Од 2009 година, Офицер за цивилно-воена соработка и мобилизација во секцијата А-5 во командата на ВИНГ, во чин поручник;
- Од 2011 година, Началник на С-4 секција, Офицер за логистика во Баталјонот за воздушно набљудување и јавување, во чин капетан;
- Од 2013 година, Командир на Центарот за Командување и Контрола во Баталјонот за воздушно набљудување и јавување, во чин капетан;
- Од 2017 година, Началник на секцијата С-3/5/7 во баталјонот за воздушно набљудување и јавување, во чин мајор;
- Од 2019 година, Началник на штаб воедно и Заменик Командант на бВНЈ, во чин мајор;
- Од 04.03.2022, Командант на бВНЈ, во чин мајор.
Унапредувања:
- Потпоручник 2006-2008;
- Поручник 2008-2011;
- Капетан 2011-2016;
- Мајор 2016-2024;
- Потполковник 2024.

Темелите на Македонското воено воздухопловство се поставени на 6-ти април 1992 година, кога Македонскиот претседател Киро Глигоров ја потпиша одлуката број 60 за формирање на Команда на Воено воздухопловство и противвоздушна одбрана (ВВ и ПВО).
2020-2025 година
- Единицата влезе во процес на модернизација на целокупниот систем со цел интеграција во НАТО интегрираниот систем за противвоздушна одбрана.
2019 година
- Од 2019 година единицата активно учествува во мисијата Воздушно патролирање со извршување на должностите одредени со Техничките аранжмани за истата.
2006-2018 година
- Следната трансформација на единицата се случува на 1 март 2006 година, кога единицата е трансформирана од Баталјон за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) во Оперативен центар за воздушно набљудување (ОЦВН) и потпадна директно под Генералштабот на Армијата;
- Основните задачи кои произлегуваат од мисијата на Оперативниот центар за воздушно набљудување се реализираа преку прием, обработка, идентификација и дистрибуција на слика за ситуацијата во воздушниот простор над Македонија, преку соработка со соседните оперативни центри на регионално ниво, цивилните структури и НАТО, како и преку рано предупредување за можни реални опасности од воздух.
- Нашата држава преку оваа единица учествува во програмата на НАТО (Air Surveillance Data Exchange – ASDE) која предвидува двострана размена на податоци за состојбата во воздушниот простор на регионално ниво. Врз основа на решение на министерот за одбрана, беше формиран Интегриран проектен тим составен од стручни лица од единицата, со цел реализација на проектот за Национален центар за воздушно набљудување и командување;
- Со превземената Партнерска цел (ПЦ А2900) која се однесуваше за набљудување на воздушниот простор и поврзување со NATINADS (NATO Integrated Air Defense System), беше регулирано радарско покривање над територијата на Република Македонија, со формирање центар за командување, контрола и изработка на потребни политики, процедури и постапки за успешно 24 часовно набљудување и командување. Беше изработена и НАТО студија за ПВО која се однесуваше на потребата од набавка на радарски системи, функционирање на центар за командување и контрола како и измени во формацијата на АРМ во делот на воздухопловните операции и АСДЕ програмата, која пак предвидуваше размена на радарски податоци со НАТО центрите;
1994 година
- На 1 март 1994 година во вечерните часови во полкот ВНЈИН пристигнал и првиот регрут – војник.
1992 година
- Првиот работен ден со новата организациско-формациска структура на полкот Воздушно набљудување, јавување, известување и наведување (п.ВНЈИН) започнал на 10 април 1992 година во касарната „Н.Х. Страшо Пинџур“ на аеродромот Петровец. Истата година во полкот ВНЈИН беше извршена обука на старешини за наведување, обука на авиодиспечери, радарски техничари и специјалности за врски;
- Во тоа време за контрола на воздушниот простор, полкот ВНЈИН не располагал со радарски системи и овој недостаток бил покриен со организирање на т.н. воздухопловно-набљудувачки станици на земја, со определен број на персонал во улога на визуелни набљудувачи на воздушниот простор кон определени сектори и правци. Се вршела координација со Дирекцијата за цивилна воздушна пловидба, односно со Аеродромската контрола на летање на аеродромот Петровец (која во употреба имала секундарен радар од типот „Thomson“) и со Аеродромската контрола на летање на аеродромот Охрид. Прибирање, обработка и прикажување на податоците за состојбата во воздушниот простор се координирала и вршела во Оперативниот центар на Командата на ВВ и ПВО.







