Воздухопловниот ВИНГ беше итно ангажиран во поддршка на акцијата за гаснење на шумски пожар во реонот на Јасен.
Интервенцијата започна во 06:30 часот наутро, по добиеното официјално известување и завршена координација со надлежните институции.
Во текот на тричасовната интервенција, беа реализирани повеќе летови со вкупно 26 исфрлања и истурени 52 тона вода врз критичните жаришта на пожарот. Во акцијата беа вклучени и капацитети од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Министерството за внатрешни работи (МВР), кои обезбедија логистичка и оперативна поддршка на терен. Воздушната поддршка овозможи значително намалување на интензитетот на огнот и спречи негово ширење.
Оваа интервенција уште еднаш ја потврдува виталната улога на воздухопловниот ВИНГ во справување со елементарни непогоди, обезбедувајќи брза, прецизна и ефикасна поддршка од воздух. Екипите остануваат во состојба на зголемена готовност со цел заштита на животната средина, населението и имотот.