Врз основа на Планот за обука во Одделот за медицинска обука (ОМО) за 2023 година, како и соработката со Центарот за медицинска обука во Швајцарската Конфедерација, во период од 2 до 5 мај, во касарната Илинден се одржа „Курс за згрижување на повредени на тактичко ниво“ (Tactical Combat Casualty Care Course).
На курсот, кој се реализираше според програма на швајцарскиот центар SWISSINT (Swiss International Command) и мониторинг од инструктори од Швајцарската Конфедерација, предавачи беа инструктори од ОМО и извидувачко разузнавачкиот баталјон, а демонстратори претставници од баталјонот на специјални сили.
Целта на курсот беше стекнување на основни знаења и вештини за третман на животозагрозувачки повреди на бојното поле и брзо извлекување и транспорт на повредените. Воедно беа обработени и извежбани неколку теми како: тактичка проценка на инцидентот и повредите, контрола на масовно крварење, техники за извлекување на пациентот,обезбедување проодност на дишните патишта, превенција и третман на шок и крварења, проценка на повреди на глава и нервен систем, третман на повреди на око, изгореници, скршеници, хипотермија, болка, инфекција.
Наставата се одвиваше преку работни точки на демонстрација и практични увежбувања,по што беше изведена вежба на која беа применети стекнатите знаења и вештини. Слушателите на курсот-болничари од единиците на Армијата се стекнаа со интернационално признаен сертификат, верифициран од NAEMT (National Association of Emergency Technicians).