Во периодот од 30.1. до 7.2.2026 година, во воениот објект Рудолф Баѓура во Покљука, Република Словенија, се одржа 19. Зимски камп за подофицери од НАТО и Партнерството за мир, под покровителство на главниот подофицер на Вооружените сили на Република Словенија, главен наредник Роберт Ротар.
Од Армијата на Република Северна Македонија на кампот учествуваа, главен наредник Горан Ќирковиќ, главен подофицер на Армијата, во улога на гостин-предавач, и главен наредник Гоце Тодоров, главен подофицер на 1.пбр, во улога на учесник. Македонските подофицери, заедно со 38 подофицери од 13 земји и четири НАТО команди, ги споделија своите искуства и знаења под мотото „На темелите на традицијата – обединети во мисија“.
За време на кампот беа реализирани бројни активности кои опфатија предавања, развој на критичко и креативно размислување, практична обука и групна работа. Посебен акцент беше ставен на лидерството и планинското војување, вклучително: скијање, водење планински операции во зимски услови, пребарување и спасување, како и спасување на затрупани од лавина.
Предавањата ги одржаа инструктори од НАТО школото во Оберамергау, DEEP тимот на НАТО, како и главните подофицери на Република Северна Македонија, Република Словенија, Република Хрватска, Република Црна Гора, Република Словачка, претставници од JFC – Naples, NRDC ITA и NATO Space Command EU.
Во рамки на кампот се одржа и панел-дискусија на тема „Подофицер на иднината – техничар или лидер“, на која панелисти беа главните наредници Горан Ќирковиќ (МКД), Роберт Ротар (СЛО) и Филип Туњиќ (ХРВ).
Активностите од доменот на планинското војување беа реализирани под водство на искусни инструктори – подофицери од словенечката војска. Во рамки на групните активности се одржа и ревијален натпревар во биатлон, на кој главниот наредник Тодоров уште еднаш потврди дека македонските подофицери се рамо до рамо со своите НАТО колеги.
Главните подофицери на земјите учеснички, на завршниот ден од кампот, беа примени од страна на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Словенија генерал-мајор Боштјан Мочник, при што тој го изрази своето задоволство од нивното учество на кампот како гости-предавачи и можноста за пренесување на знаење и искуства на учесниците на кампот и на главните подофицери на Вооружените сили на Република Словенија (ниво баталјон и повисоко). Главните подофицери ја посетија и 1.бригада на словенечката војска, каде што ги прими командантот на бригадата полк. Грегор Водеб. Во склоп на посетата на бригадата од страна на потполковник Кесиќ беа презентирани: новиот симулациски центар и затвореното стрелиште изградено според врвни модерни стандарди.
Дополнителните активности придонесоа за меѓусебно запознавање, размена на мислења и искуства, како и за јакнење на професионалните врски. Главните цели на кампот беа зајакнување на кохезијата, солидарноста и единството на подофицерскиот кор, со посебен акцент на негување и одржување на воениот дух и вредностите на НАТО. Темата за панел-дискусијата „Подофицер на иднината – техничар или лидер“ ќе продолжи да се развива на 2. Семинар за развој на подофицерскиот кор, кој е планиран да се одржи во Република Северна Македонија во 2026 година.








