Осумнаесеттиот зимски камп на НАТО и Партнерство за мир (ПзМ) ги собра членовите на вооружените сили од 23 земји членки на НАТО и ПзМ, поттикнувајќи меѓународна соработка и размена на професионални искуства. На 31 јануари, помеѓу истакнатите гости говорници во НАТО Центарот за извонредност во планинско војување, беше и главниот подофицер на Армијата на Република Северна Македонија, главен наредник Горан Ќирковиќ, кој одржа предавање на тема „Современиот подофицерски кор – неговите должности и одговорности“.
Главниот наредник Ќирковиќ им се обрати на учесниците во кампот и на припадниците на Вооружените сили на Република Словенија, нагласувајќи ја еволутивната улога на подофицерите во современите воени организации. Во излагањето главниот наредник истакна дека е потребно да се усогласат должностите и одговорностите на подофицерите со модерното време, новите технологии, но и со начинот на размислување. Тој ги истакна критичните одговорности на подофицерите во лидерството, обуката и оперативната подготвеност, како и нивната улога како мост помеѓу војниците и офицерите. Покрај главниот наредник Ќирковиќ, на настанот учествуваа и значајни гости предавачи, меѓу кои NATO HQ Saraevo SGM Slater, главниот подофицер на Армијата на Република Турција, главен наредник Челик, главниот подофицер на Армијата на Унгарија, главен наредник Кашаб, Romania Army SGM Sas, Croatia SGM Bolanca и Colorado JS NG CSM Crowe. Секој говорник сподели вредни сознанија и перспективи, придонесувајќи за професионалниот развој на присутните и зајакнување на врските меѓу НАТО и земјите членки на ПзМ.
Учеството на главниот подофицер на Армијата на настанот ја нагласува посветеноста на земјата за активно ангажирање во рамките на НАТО и ПзМ, како и важноста од поттикнување на добро обучен и високо способен подофицерски кор. Овој заеднички настан послужи како можност за споделување на најдобрите практики, подобрување на интероперабилноста и зајакнување на улогата на подофицерите како столбови на современите вооружени сили.