Воениот оркестар на Армијата на Република Македонија, вчера вечер, одржа концерт на платото пред спомен-куќата на Мајка Тереза, во Скопје. По повод одбележувањето на 2 Август – „Ден на Републиката“ и 70 години АСНОМ, оркестарот, под диригентската палка на потполковникот Драган Димитров, изведе композиции од домашни и странски автори кои се пригодни за одбележување на една ваква свеченост.
Покрај настапот на оркестарот, припадниците на баталјонот за почести ја изведоа точката „ЕГЗИРЦИР“, со која ја покажаа нивната висока извежбаност во работата со пушка и строеви постапки.
Настапот на припадниците на АРМ, како и вообичаено, наиде на воодушевување кај присутните граѓани, кои ги поздравија припадниците на баталјонот со огромен аплауз.
Со оваа активност, АРМ учествува во чествувањето на празникот 2 Август – „Ден на Републиката“ и 70 години АСНОМ, во организација на Владата на Република Македонија.