Делегација од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во чиј состав беше и државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, по повод навршување на дваесет и три години од загинувањето на десеттемина припадници од резервниот состав на Армијата, положи свежо цвеќе на спомен-обележјето кај месноста Карпалак.
Дваесет и три годишнината од загинувањето на десеттемина припадници се одбележа и во Прилеп, каде делегација на Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана положи свежо цвеќе пред комплексот „Карпалак“.
Во текот на вчерашниот ден на спомен- обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, почит на загинатите припадници им оддадоа делегации од Армијата и Министерството за одбрана, семејствата на загинатите, здруженијата на учесниците во воениот конфликт, прилепската локална самоуправа и граѓаните.
Во нападот на конвојот на армиските сили на патот Скопје – Тетово, во близина на селото Групчин кај месноста „Карпалак“, на 8 август 2001 година животот го загубија: Марко Деспотоски, Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски, од резервниот состав на Армијата, од гарнизонот Прилеп.