На припадниците на Армијата на Република Северна Македонија кои учествуваа во последната ротација во мисијата „Одлучна поддршка“ со пригодна церемонија им се врачија признанија и медали од страна на Вооружените сили на САД за учество во мисијата „Одлучна поддршка“.
Заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, заменикот министер за одбрана, Башким Хасани и военото аташе на САД, полковник Питер Ровел, кои ги врачија признанијата на шеснаесетте припадници на Армијата го истакнаа придонесот кој го имавме во оваа мисија, во која учествувавме од самиот нејзин почеток, како и покажаната професионалност во извршувањето на задачите.
Претходно, од страна на началникот на генералштабот на Армијата, генерал- потполковник, Васко Ѓурчиновски, на припадниците на Армијата исто така беа искажани честитки за добиените признанија.
Медалите за учество и залагање на припадниците на водот за обезбедување во мисијата и најстариот национален претставник се доделуваат од страна на Вооружените сили на САД, во чиј состав нашиот контингент ги извршуваше задачите, декември 2020 – јуни 2021 година, која беше и последната ротација согласно одлуката на НАТО за завршување на ангажирањето во Авганистан.
Мировната операција предводена од НАТО „Одлучна поддршка“ која ја наследи мисијата ИСАФ, започна на 01.01.2015 година и во неа учествувавме од првиот ден. Нашиот придонес во операцијата беше со штабен персонал, единица за обезбедување и ментори во соработка со силите на САД и Република Турција, а во последната ротација учествувавме со медицински хируршки тим во состав на норвешкиот контингент.