Припадниците на Баталјонот за почести во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, со воена свеченост која се одржа во касарната „Илинден“ го одбележаа денот на единицата.
Обраќајќи се пред припадниците на баталјонот, командантот на единицата, потполковник Дарко Стојковски им порача дека строевата изграденост, мотивација и дисциплина кои се градени од генерации на гардисти се најголемата инвестиција во угледот на оваа препознатлива единица. Токму затоа честа, храброста и посветеноста како кодекс на вредности во оваа единица се силата на единицата.
На воената свеченост на која покрај началникот на генералштабот присуствуваа и претставници од командите и единиците од составот на Армијата, сојузот на борци и други гости, пред присутните беа изведени и препознатливите точки на гардистите, „Егзирцир“ и музички нумери од воениот оркестар кој е во состав на баталјонот за почести.
По повод Денот на единицата , беа доделени стимулативни мерки на дел од припадниците кои се истакнале и постигнале резултати во работата и обуката во изминатиот период.
Баталјонот за почести е формиран на темелите на Првата Гардиска Бригада која е формирана по осамостојувањето на Република Македонија на ден 26.03.1992 година во касарната „Илинден“, а денот 11-ти ноември, како ден на бП оваа единица го презема како носител на традициите на Првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на овој ден во 1943 година во селото Сливово.