Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оствари проштална средба со потполковник Шон Руфоло, шеф на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на Соединетите Американски Држави во нашата земја, по повод завршување на неговиот тригодишен ангажман во земјава.
Во текот на средбата, генерал Лафчиски изрази благодарност за значајниот придонес и посветеноста на потполковник Руфоло, кој имаше важна улога во унапредувањето на билатералните одбранбени иницијативи, кои директно ги поддржуваат приоритетите на НАТО и придонесуваат за јакнење на регионалната безбедност.
За време мандатот на полковник Руфоло, Канцеларијата за одбранбена соработка оствари значајна соработка со Армијата на Република Северна Македонија во насока на градење и унапредување на воените капацитети, а меѓу најзначајните постигнувања се издвојуваат поддршката на развојот на Лесниот пешадиски баталјон, унапредувањата на логистиката и одржување при изведување на операции, како и проширување на капацитетите на армискиот полигон „Криволак“. За време на неговиот мандат акцент се даде и на развојот на силите за специјални операции, образование и обука на припадници од Армијата во САД како и учество на Армијата во бројни мултинационални вежби.
На крајот од средбата, во знак на благодарност за досегашната успешна соработка и партнерство, генерал Лафчиски му врачи Голема плакета на Армијата на потполковник Руфоло.