Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес, оствари средба со генерал-потполковник Јан Кејв (Ian John Cave), висок воен претставник на Обединетото Кралство (ОК) во НАТО и ЕУ, кој се наоѓа во работна посета на Република Северна Македонија и регионот.
Генералите Ѓурчиновски и Кејв, за време на работниот состанок на кој присуствуваше и военото аташе, потполковник Едвард Грин, разговараа за учеството на контингентите на Армијата на Република Северна Македонија во операцијата на НАТО-КФОР во Косово и мисијата на ЕУ-АЛТЕА, во Босна и Херцеговина, како и за одличната билатерална воена соработка.
Притоа беше истакнато дека со активната партиципација во овие мисии на НАТО и ЕУ, не само што се придонесува за регионалната безбедност, туку нашите состави и армиски припадници придонесуваат во подобрување на сопствените одбранбени способности, воедно афирмирајќи ја Армијата и државата како докажан сојузник на меѓународно ниво.
Во текот на состанокот се дискутираа и теми од сеопфатната билатерална соработка во областа на одбраната, која се реализира во повеќе области како: воена едукација на високите воено образовни институции во ОК, соработка во мировните операции, повеќе видови на воена обука, советодавна помош за спроведување на оперативната трансформација на Армијата и обучување и помош на тренинг тимови од Вооружените сили на ОК за зајакнување на капацитетите на Лесната пешадиска баталјонска група.