Началникот на Генералштабот на Армијата, Сашко Лафчиски, денеска оствари средба со делегација на Вооружените сили на Република Турција, предводена од бригадниот генерал Рамазан Топер.
Посетата се реализира во рамки на програмата на активности на турската делегација поврзани со традиционалното одбележување на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во Воената гимназија во Битола.
На средбата беше истакнато историското значење на Ататурк, реформатор и основач на современата турска држава, чиј престој и школување во Битола претставуваат важна историска врска меѓу двете земји и дел од заедничкото културно и историско наследство.
Воедно беше нагласена и одличната билатерална воена соработка , како и континуираната поддршка што Армијата ја добива од страна на турските вооружени сили, при што беше потенцирано дека партнерството меѓу двете земји продолжува да се развива во духот на меѓусебно пријателство, доверба и соработка.








