Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес оствари протоколарна средба со одбранбеното аташе на Обединетото Кралство, полковникот Џонатан Вилијамсон и заменик амбасадорот на Обединетото Кралство, Даниел Фајлер.
Во текот на средбата, генералот Лафчиски го истакна значењето на заедничката соработка со Обединетото Кралство, нагласувајќи ја поддршката која оваа земја ја дава во процесите за развој на капацитетите на Армијата и во доменот на стручното усовршување на армиските кадри на високи воени образовни институции во Обединетото Кралство.
Во оваа прилика, генералот Лафчиски изрази уверување дека билатералното партнерство ќе продолжи со несмален интензитет, особено во делот на заедничката обука и вежбите.
Полковникот Вилијамсон својата должност ја извршува од Белград, Република Србија, каде што е назначен за одбранбено аташе на Обединетото Кралство. Дополнително, со заминувањето на одбранбеното аташе на Обединетото Кралство за нашата држава, потполковник Џон Едвард Грин, сè до назначување на ново аташе, тој ќе ја извршува должноста одбранбено аташе на Обединетото Кралство и во нашата земја.








