Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оствари протоколарна средба со вршителот на должноста амбасадор на Државата Катар во Република Северна Македонија, Н.Е. Рашид Бин Саид Ал-Кајарин.
На средбата, на која се разменија мислења за унапредување на билатералната соработка во областа на одбраната, беше нагласено дека е од заеднички интерес таа соработка во иднина дополнително да се продлабочува и зацврстува.
Државата Катар е активен партнер на НАТО преку Истанбулската иницијатива за соработка, која беше воспоставена во 2004 година, со цел да се зајакне безбедносната соработка со земјите во поширокиот регион на Средниот Исток. Дополнително, преку Индивидуалната програма за партнерство и соработка, во рамките на НАТО, на Државата Катар ѝ се овозможува соработка во различни области.