Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска го прими бригадниот генерал Мустафа Ер, кој ја предводи делегацијата на Вооружените сили (ВС) на Република Турција составена од високи офицери и питомци од воените училишта на турските ВС.
Средбата е дел од активностите на делегацијата од ВС на Република Турција, поврзани со традиционалното одбележување на годишнината од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк, церемонија која се одржа на 13.03.2021 во Битола по повод 122- годишнината од овој настан.
На средбата во кабинетот на началникот на Генералштабот на која присуствуваше и военото аташе на Република Турција полковник Серкан Чакир беше разговарано за одличната билатерална армиска соработка, а стана збор и за дел од планираните активности во текот на 2021 година во повеќе области и унапредување на соработката.
Генералот Ѓурчиновски ја истакна континуираната поддршка која ја имаме од страна на Република Турција како наш стратешки партнер, која во досегашниот период е изразена во донации во опрема, обука и школување на припадници на Армијата во воените образовни институции на турските ВС, како и учеството на нашите припадници во мисијата „Одлучна поддршка“ во рамки на турскиот контингент.