Денес, 8 ноември, делегација од Армијата и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во чиј состав беа и заменикот на министерот за одбрана Адмир Шабани и командантот на 1.Пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски учествуваше во одбележувањето на „Remembrance Sunday“.
Во рамки на церемонијата, која се одржа во организација на Британската амбасада, делегацијата положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на Британските воени гробишта во Скопје. Оваа комеморација претставува траен симбол на сеќавање и почит кон британските војници кои ги положиле своите животи за време на Првата светска војна. Истовремено, настанот е посветен на оддавање почит кон сите воени и цивилни жртви, без разлика на нивната националност, кои ги загубиле своите животи во воените судири и конфликти, борејќи се за воспоставување и зачувување на светскиот мир.








