Вчера, 8-ми октомври 2014 година, Воениот оркестар на АРМ за прв пат со свој настап се претстави пред граѓаните на Крива Паланка. На концертот кој се одржа во исполнетата сала во Домот на културата во Крива Паланка, граѓаните на овој град имаа можност вистински да уживаат во едночасовниот концерт на Воениот оркестар, кој настапи со изведба на филмска музика.
Пред концертот, на платото пред Домот на културата, му претходеше изведување на точката „ЕГЗИРЦИР“ од страна на припадниците на баталјонот за почести кои пред граѓаните на Крива Паланка демонстрираа висока строева извежбаност во работа со пушка.
На концертот во Крива Паланка присуствуваа: градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, заменикот на командантот на Здружената оперативна команда на АРМ, бригаден генерал Мухамет Рацај, припадници на АРМ и други гости.
Синоќешниот промотивен концерт на Воениот оркестар во Крива Паланка е четврти по ред, од планираните концерти на Воениот оркестар во 2014 година, во рамките на проектот за соработка на АРМ со локалната самоуправа во Република Македонија. Ваквиот начин на соработка, претставува одлична прилика за приближување на Армијата кон граѓаните, особено во градовите каде АРМ нема гарнизони.