Синоќа, 24-ти септември 2014 година, Воениот оркестар на АРМ за прв пат со свој настап се претстави пред граѓаните на Гевгелија. На концертот кој се одржа на градскиот плоштад во Гевгелија, присуствуваа околу шестотини граѓани кои вистински уживаа во едночасовниот концерт на Воениот оркестар, кој настапи со изведба на филмска музика. Граѓаните на Гевгелија, беа посебно воодушевени и од презентацијата на вештините во работа со оружје од страна на припадниците на баталјонот за почести, кои пред концертот ја изведоа точката „ЕГЗИРЦИР“.
Синоќешниот промотивен концерт на Воениот оркестар во Гевгелија е трет по ред од планираните концерти на Воениот оркестар во 2014 година, во рамките на проектот за приближување на АРМ до граѓаните во Република Македонија. Ова е одлична прилика и за јакнење на соработката на Армијата со локалната самоуправа во Република Македонија, особено во градовите каде АРМ нема гарнизони.